Поп-дуото ДНК го доби првото лого – го изработија студентите на Brainster

По 22 години од основањето, поп-групата ДНК доби свое лого, а го креираа студентите на Brainster. Отсега отсега нивните промотивни материјали, социјалните мрежи, албумите, билбордите и постерите, ќе имаат препознатлив печат. Основачите на бендот, Владимир Блажев-Панчо и Андреја Ѓорѓиески-Андреј велат дека се презадоволни од ангажманот на студентите на Brainster.

Ребрендирањето е создадено во рамките на програмата за учење преку работа на реални проекти за клиенти, а го работеа студентите од Академијата за графички дизајн на Brainster. Тие понудиле повеќе решенија, а било избрано решението на Александар Младеновски.

– Презадоволни сме, пред сè од професионалноста на Brainster, но и од односот на студентитe, кои навистина се креативни. Ни беше доста тешко да се одлучиме за најдоброто лого. Речиси сите ги сфатија дадените насоки и се гледа дека го разбираат тоа што го работат. Се разбира, за вкусови не се дискутира, и затоа на крај одбравме тоа што нам најмногу ни се допадна. Веруваме дека ќе остане уште долги години. Му благодариме на Александар за одличниот дизајн. Се двоумевме помеѓу две решенија, но на крај го избравме неговото лого. Браво и големо фала – велат Панчо и Андреј.

На прашањето зошто одлучиле оваа задача да им ја доверат на студенти, Панчо вели дека веруваат во талентот на младите, бидејќи светот останува на нив, и знаеле дека ќе им биде предизвик и мотивација.

– Сепак, станува збор за бренд кој има свое значење и тежина на нашите простори, со самото тоа што постоиме 20 години. Верувам дека треба да им се дава шанса на недокажани уметници или во случајов идни дизајнери. Доволно е да се даде насока на креативци, за да добиеш сериозно добро лого или брендирање. Ваков тип на соработка најдобронамерно им препорачувам на сите наши колеги од музичката сцена. Едноставно, се гледа дека од Brainster сакаат да работат и тоа го прават од срце, што е одлично и за поздравување – вели Панчо.

Александар Младеновски е алумни-студент на Академијата за графички дизајн. Тој е магистер по казнено-правни науки, а по завршување на академијата направил професионална трансформација и сега е гради кариера како графички дизајнер. Вели дека се прашувал зошто ДНК, група што постои повеќе од две децении, нема свое лого и сопствен бренд–идентитет.

– Кога дознав дека се клиент за реални проекти на Академијата, тоа ми беше како „кец на 10-ка“. Уште првиот ден ја знаев креативната насока и целиот процес течеше одлично. Многу ми е драго што луѓето ја препознаа мојата визија за нивниот бренд, а уште подраго што мојот труд сега е дел од нив и го гледаме секаде низ нашата држава, и на билборди и на социјални медиуми – вели тој.

Според Александар, работата на реални клиенти е нешто што дефинитивно треба секој студент да го помине во текот на неговото стручно надоградување.

Сподели