Васил Хаџиманов и Бисера Велетанлиќ со концерт во КИЦ Белград во чест на Зафир

Концерт посветен на бардот на македонската музика, Зафир Хаџиманов, ќе се одржи утревечер во 19 часот во Културно-информативниот центар во Белград. Настанот ќе го отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров, со краток осврт за културата на сеќавање на Хаџиманов, за огромното културно наследство кое го остави како на македонската, така и на српската култура.

„Јас сонувам, јас творам, јас водам љубов на двата јазика”, знаеше често да каже Зафир, во неговите интервјуа за српските и македонските медиуми. Вечерта посветена на Зафир Хаџиманов ќе започне со неколку одбрани музички инсерти и грст фотографии, меѓу кои неколку и за прв пат јавно презентирани, а ќе продолжи со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.

Потретот на Зафир Хаџиманов е инициран и организиран од Македонскиот КИЦ во Белград и поддржан од Министерството за култура и туризам.

Сподели