Умно.мк е еден од петте грантисти што ќе работат специфични теми од јавен интерес во рамките на регионалниот проект SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, финансиран од Европската Унија. Целта на активноста е создавање на безбедно опкружување и структура за долгорочен развој на малите медиуми од локално и специфично значење.
– Локалните медиуми се најранливиот сегмент во медиумскиот пејзаж, соочувајќи се со бројни предизвици во споредба со големите национални куќи. Сепак, токму овие медиуми се клучни бидејќи ги креираат најавтентичните приказни и директно ги адресираат проблемите и потребите на локалните заедници, кои ретко го наоѓаат својот простор кај националните медиуми – велат од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ кои го спроведуваат проектот од македонска страна.
На јавниот повик за поддршка на малите и локални медиуми, предлог-проекти пријавиле 29 апликанти. Покрај Умно.мк, поддршка за креирање на медиумски содржини од јавен интерес добија и Иновативност.мк од Штип, Mollekuqja од Тетово, Дрнка.мк од Струмица и Радио Кочани. Целта на оваа активност не е само еднократна финансиска помош, туку создавање на безбедно опкружување и структура за долгорочен развој на медиумите.
Регионалниот проект SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, финансиран од Европската Унија, се спроведува во партнерство со пет граѓански организации за поддршка на медиуми: Центарот за промоција на граѓанско општество CPCD (Босна и Херцеговина) како водечки партнер, Томсон медиа (Германија), Наука и иновација за развој SCIDEV (Албанија), Косово глокал (Косово) и Центарот за демократска транзиција (Црна Гора).
Насловна фотографија: Мета.мк





