Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од вечерва до 10 декември се случува 24. „Синедејс“ – Фестивал на европски филм. Осумте селекции, повеќе од 60 филма, кои ја одбележаа тековната европската филмска година и врвна работилница „Маркетинг на филм“, се фактографски белег на годинешниот фестивал.
На отворањето во 20 часот во киното „Фросина“ ќе биде прикажан „Тоа беше само несреќа“, во режија на Иранецот Џафар Панахи, што доби „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал годинава. Во салата „25 Мај“ во 20.30 часот ќе почне проекцијата на филмот „Човекот лавина“ во режија на Слободанка Радун. филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

Сцена од „Тоа беше само несреќа“
– Оваа година публиката не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да и го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал, пред сé – вели Маргарита Арсова – програмски координатор на „Синедејс“.

Сцена од „Лавина“
Селектор на програмата и годинава е Бернд Будер. Филмовите се во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, SEE програма, селекција на Дејвид Линч и Македокс.
Жири комисијата во состав Сара Климоска – актерка, Северна Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер, Хрватска и Алеш Павлин – режисер, Словенија ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка, Хрватска, Фатос Бериша – режисер, Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка, Црна Гора за филмовите во СЕЕ програма.
– Ова издание на „Синедејс“ ги носи и „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, и двата номинирани за „Златна палма“, „Татко мајка сестра брат“ на Џим Џармуш кој е добитник на наградата „Златен лав“ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски
екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ. А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и Македокс ни се придружува со своја селекција, победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ – дополнува Арсова.
На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на СинеМјузик вечерите имаме специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од Лајвјуроп програмата. Влезот за концертите е бесплатен.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај. Билетите ќе бидат по цена од 200 денари за сите филмови, а може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (се препорачува онлајн-продажба), како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата „Лајвјуроп“.





