Уметникот Зоран Арсовски – Бабата со своја самостојна изложба ќе учествува на Меѓународниот уметнички фестивал на светлината „Ќе блеснат палатите”, кој ќе се одржи на 23 и 24 јуни во Котор, Црна Гора. Фестивалот се одржува по шести пат низ повеќе локации во стариот дел на градот. Организатори се Градската Галерија Котор и Центар за култура „Никола Ѓурковиќ”.
Преку видеопроекции ќе ги презентираат уметничките дела на секој уметник посебно во вид на самостојна изложба и обраќање на уметниците проследено со музика и пријатен амбиент.

Арсовски на публиката ќе се претстави со дела кои се од неговиот најнов опус и се изработени во комбинирана техника со која тој е препознатлив на пошироката јавност со оригинален свој стил за кој веќе години наназад пишува и стручната уметничка фела на историчари и критичари на уметноста, за кое сведочат бројни рецензии за творештвото на Арсовски. Тој на јавноста и е познат по бројни концептуални самостојни изложби, а оваа ќе биде негова 15-та самостојна изложба. Исто така има учествувано на повеќе од 60-ина групни изложби, проекти и фестивали, со кои има настапувано на Национално и многу повеќе на меѓународно ниво во повеќе држави низ светот. За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.
Зоран Арсовски – Бабата роден е 1980 година во Куманово. Дипломирал 2005 година и магистрирал 2007 година на Националната ликовна акдемија во Софија, насока – Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).





