Учебниците се многу повеќе од материјал што треба да се „набуба“

Додека просветните работници сè повеќе негодуваат, МОН наголемо ја промовира реформата и ги оправдува своите чекори

Ако наставниците и учениците не можат да користат електронски учебници, ќе треба да си ги испечатат, предвидува предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование. Законот е веќе одобрен од Владата и треба да се најде пред пратениците во Собранието. Законот е во координација со новата концепција за основно образование која по предлог од Министерството за образование и наука, Владата ја донесе на почетокот на годинава, а Собранието ја изгласа. Веќе се подготвуваат наставните материјали за големата реформа која од септември треба да се спроведува во 1. и во 4. одделение во сите државни училишта во земјава.

Додека просветните работници сè повеќе негодуваат, МОН наголемо ја промовира реформата и ги оправдува своите чекори. Многу неoдговорени прашања имаат и родителите, особено што печатени учебници се предвидени само за учениците од 1. до 3. одделение. Останатите основци и средношколци ќе учат од електронски учебници и дидактички материјали на кои ќе ги упатуваат наставниците. Реагираат и психолози кои велат дека класичните учебници се многу повеќе од материјал што треба да се „набуба“.

Одделенска наставничка од Скопје вели дека апсолутно не се согласува со предлогот за учебници.
– Не само јас, сите просветни работници. Не знам до кога ќе молчиме и дозволуваме сите да не газат. Мора да реагираме, не на социјалните мрежи, туку надвор – вели таа.

И досега немаше учебници

Петтоодделенка од Скопје годинава учи од електронски учебници, уште пред да биде донесена новата концепција. Учениците од одделението добиле само два нови учебника, по математика и природни науки. Останатите никогаш не стигнале до учениците.
– Прашувавме, негодувавме. Ни рекоа да почекаме, се чекало одговор од Министерството. На крај излезе дека годинава нашето одделение ќе биде без учебници, зашто отишле кај другто одделение кое лани било без учебници. Годинава завршува со онлајн настава и убаво видивме како се учи без книжни, со електронски учебници. Да, промени во образованието ни се неопходни, но мора добро да се обмислат – вели Илија Стојановски, татко на петтоодделенката.

Училиштата ќе можат да го отпечатат учебникот за ученикот што не може да користи е-учебник, најавува МОН

Најавувајќи го новиот закон, од МОН велат дека многу развиени европски земји го имаат надминато системот на класична употреба на учебник.
– Воспоставувањето на систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и нашата. Тоа е една од клучните придобивки. По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа. Дигитализацијата ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење – велат од МОН.

Притоа, наставниците ќе имаат целосна автономија во изборот на материјали и средства за настава. Тие ќе можат да отпечатат дел од материјалите, а училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради која било причина нема да може да користи електронски учебници.

Контактот е многу важен за децата во развој

На прашањето дали се согласува неговот дете да учи од испечатен (фотокопиран) учебник Стојановски вели:
– Тоа е најмал проблем. Не верувам дека училишатата можат да ги обезбедат сиве овие ветувања. И досега требаше да располагаат со овие средства, а секоја година на 1. септември секој ученик во одделението носи пакет хартија за печатење и собираме пари за тонер. Сите велат не треба да го толерираме ова, но никако да се сменат нештата – вели тој.

Фото: Pixabay

Христина Стефановска, психолог во „Хармоничен свет“ објаснува дека во гешталт психотерапијата, контактот се дефинира како однос помеѓу себе и другото. Модалитети на контактот се допир, слух, мирис, вкус, вид, говор и движење.
– Контактот е всушност основата на промената и растот на личноста. Како едно дете кое се уште расте и се развива ќе воспостави квалитетен однос со книга или учебник ако не може да го допре, гушне, да го почувствува мирисот на нова или стара книга? Држењето на учебникот во раце ја намалува вознемиреноста кај детето пред тест, испрашување, испит. Во ред е да се користат дигитални учебници, но како дополнителни учебници во наставата – вели Стефановска.

Сподели