Убаво е да се живее во Македонија

„Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост… опстоивме“

Пишува: Даница Среткоска, средношколка

…Веќе е септември. Скоро па 10-ти. Надвор времето е нит лето нит есен. Во оваа доба од годината, Сонцето се крие зад облаците. Но, не и денес. Денес е 8 Септември, денот кога вечно сонцето изгреа над слободна Македонија.
Денес Македонија полни триесет и една година откако е самостојна држава. Некој ќе рече „млада ви е Републиката“, а јас би рекла „светот останува на младите“.

Можеби Републиката ни е млада во поглед на осамостојувањето, но фактите велат дека постоела уште пред појавата на многу други држави.

А сега ќе ви откријам како е да се живее во „младата“ Република која всушност е една од најстарите. Убаво е да се живее во Македонија. Ако бар на еден ден ги тргнеме настрана секојдневните политички проблеми кои влијаат на сите, од најмлади до најстари, ако ги тргнеме и оние „самобендисаните“, ќе ни остане една убава Македонија, со преубав пејзаж, со Лазарополе и Галичник, со преубавиот Охрид, со Вевчани, со Вардар кој се протега сè до Солунскиот залив во Грција, со најубави песни и поезии, со најчитаните автори чии дела се преведувани и продавани со многу изданија, со најубавите ора и носии.

Убаво е да се живее во Македонија низ која поминувал најславниот антички пат Виа Егнатиа, во Македонија која била јадро на културните и духовните процеси, во државата во која се пронајдени едни од најстарите археолошки наоѓалишта на Балканот.

Во Македонија која го има најголемиот национален парк во регионот кој пак има многу животинки кои се ретки видови, која ја има највкусната традиционална храна, најквалитетното вино на Балканот.
Чест е да се живее во Македонија од која потекнува првата христијанска во Европа, како и Рацин – вториот Хомер.
Во Македонија во која постои пештерата Врело за која се смета дека е најдлабоката подводна пештера во светот.
Привлечно е да се живее во Македонија, каде сонцето изгрева со посебен сјај, каде птиците пеат, каде и да погледнеш, секаде е „божја хубавина“…

Убаво е за празници, убаво е во секое годишно време. Убаво е зиме кога одиш на Шапка, во Маврово или Крушево на скијање. Убаво е лете кога одиш во Струга да си ја одмориш душата, убаво е напролет кога сè е растурено и се чувствува живот…

Колку и да сакам, немам зборови да ја опишам убавината на Македонија, бидејќи таа не може да се долови, може да се види, да се почувствува, да се допре. Сè имаме, но не знаеме да цениме. И еве прашувам:

„Ој Македонијо, уште колку ни треба за да те домакедончиме“?
… Денес е ден на независна Македонија, денот кога таа одлучи да се оддели од федерацијата на Југославија и да стане самостојна, суверена Република Македонија.
„Држава се прави со жртви и крв, но се чува со памет и со работа.“

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели