Секој може да донира на веб-страницата на СММ – со парите ќе се покријат сите потребни трошоци за подготовките, кои некогаш се online, а некогаш со физичко присуство
Сојузот на математичарите на Македонија објави повик за донации за да се олеснат подготовките на младите математичари и талентите за домашните, особено за меѓународните натпреаври. Секој може да донира на веб-страницата на СММ. Д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ и професор на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје се надева дека со донациите ќе се покријат сите потребни трошоци за подготовките, кои некогаш се online, а некогаш со физичко присуство.
За само неколку години македонската репрезентација на Интернационалната математичка олимпијада (ИМО) постигна неверојатни резултати – од 75. место во 2019 се искачи на 45. место во 2021 година, а годинава на 39. место. Маркоски вели дека овој успех најмногу се должи на систематски подготовки (скоро во текот на целата година) на најдобрите ученици.

Ѓорѓи Маркоски
– Подготовките ги одржуваат нашите поранешни натпреварувачи. Особено се интензивни последните месеци пред соодветниот натпревар. Овој систематски пристап овозможи ваков голем напредок на меѓународните натпревари по математика – вели тој.
Директно во подготовките за меѓународните натпревари по математика се вклучени дваесеттина членови на СММ, а индиректно многу повеќе, објаснува Маркоски. Кон нив сите пристапуваат со голем ентузијазам. Подготовките траат скоро во текот на целата година, а последните недели пред натпреварот се интензивни, скоро секој ден по 4-5 саати, можеби и повеќе во зависност од потребата. Во оваа мисија, Сојузот е прилично осамен.
– За жал, поддршката од државата засега е скоро никаква. Единствено со новиот закон за основно образование е предвидено покривање на трошоците за еден меѓународен натпревар. Но, за средно имаме четири значајни меѓународни натпревари, на кои учествуваме, и за кои треба да се покријат трошоците. За тоа и за подготовки немаме никаква помош од државата – вели Маркоски.

Од подготовките за натпревари
Ова е една од причините за идејата за донации, која била заедничка со поранешни натпреварувачи кои работат во Македонија и во западните земји. Многу од нив пројавија интерес (и веќе донираа, што може да се види на веб страната на СММ).
– Најмногу за органицацијата на донациите направи Виктор Симјаноски, кој е вработен во САД и е наш поранешен натпреварувач. Тој и на двапати донираше. Целта е, пред сè, да се обезбедат средства за подготовка и трошоци за натпреварот, на нашите натпреварувачи на меѓународните натпревари по математика – вели Маркоски.
На веб-страницата на СММ се објавени деталите за начинот на донирање (за од Македонија и за од странство). Со секој донатор СММ потпишува договор за донација, по што се врши уплатата на средствата.





