„Убавите жени“ на Зоран Пејковски наградена со „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга

За збирката поезија „Убавите жени“, авторот Зоран Пејковски ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга во 2022 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. За наградата одлучи жири-комисијата во состав: Зоран Анчевски (претседател), Мерсиха Исмајлоска и Славе Ѓорѓо Димоски (членови). Покрај делото на Пејковски, тие во потесен круг ги издвоија и „Кадуцеј и лира“ од Сузана В. Спасовска и „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ.

Иако и во неа констатирале извесни слабости, жирито вели дека „книгата како целина нуди една заокруженост со јасна тематска преокупација и идеја, фокусирани на убавината како универзална човечка димензија и дека таа изобилува со впечатливи поетски слики поместени во сферите на љубовното, еротското, чувственото. Низ целата книга се разлева топол лирски склад кој потсетува не само на класичното и на традиционалното, туку и на пеење што ги задоволува узусите на модерната поетика“.

Збирката е цврсто структурирана во четири поетски циклуси што взаемно се надополнуваат и надградуваат: „Икона на универзумот“, „Сѐ би било еднолично сиво“, „Последното чудо на светот“ и „Епилог на убавината и вистината“.

– „Убавите жени“ на Пејковски е стихозбирка со складен и затоа навидум лесен поетски израз што изобилува со богати поетски слики и метафори, како и со свежи звуковни и ритмички решенија. Поетот вешто ги избегнува замките на благуњавиот лиризам и сентиментализам што е постојана закана за ваков вид поезија и иако на моменти се приклонува кон нешто полесни, клишеизирани решенија, сепак општо земено, целата книга импонира со својата компактност, читливост и приемчивост – стои, меѓу другото, во образложението.

Со доделувањето на наградата „Ацо Шопов“ за 2022 година на Зоран Пејковски и на неговата поетска книга „Убавите жени“, ДПМ се придружува кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов.

Сподели