Повод 16 февруари, Меѓународниот ден на антропологијата, Институтот за етнологија и атропологија почна кампања под наслов „101 благодарам“.
– Кому сè би требало да се заблагодариме за утринското кафе, телефонот на кој го читаме овој текст, патиките што ги носиме? Колку луѓе се вклучени во синџирот на производство, достава, трговија и сите други фази кои прават еден предмет да стигне до нас? На пример, кој е патот на едно чоколадо од садењето на дрвјата какао до полиците на маалскиот гранап? Истражете и постирајте со хаштази #101благодарам #АnthroDay, а најдобриот пост ќе биде награден со слатка благодарница – велат од Институтот за етнологија и атропологија и предупредуваат дека нема да бидат земени предвид постови кои содржат реклами на конкретни компании или брендови.
Кампањата е инспирирана од книгата “Thanks a Thousand: A Gratitude Journey“ (Кажи им фала на илјада луѓе: патешествие на благодарност) од А. Џ. Џејкобс кој зборува за потфатот да им се заблагодари на сите кои имале макар и најмала врска со неговото утринско кафе. Почнал со дечкото што му го послужил, па со девојката на шанк што му го направила, па дизајнерот на логото, па возачот на камионот кој ги возел зрната кафе…
– Отишол дури и во Јужна Америка да им се заблагодари на одгледувачите! На крај излегло дека за едно единствено кафе требало да им каже „фала“ на повеќе од илјада луѓе – велат од ИЕА.





