Вкупно 11 лица се гонат за уривање на хотелот „Шар ан“ кој како дел од Старата скопска чаршија беше заштитен со Закон
Злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости се кривичните дела за кои се сомничат претходните директори на Конзерваторскиот центар од Скопје и на Управата за заштита на културното наследство и уште деветмина граѓани кои вчера беше поднесена кривична пријава. Вчера беа уапсени деветмина осомничени, а по двајца се трагаше. По добиените судски наредби биле извршени претреси кај 11 физички лица (10 во Скопје и едно во Тетово) и во 9 правни субјекти во Скопје. Пронајдена е и одземена документација, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди, растителна материја, два пиштоли, муниција, пари во различни валути.
Во координирана акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за специјални полициски операции, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување спроведе координирана полициска акција, во којa беше сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Скопје и едно лице од Тетово, кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на економски криминал и кривични дела против културно наследство, соопшти вчера Министерството за внатрешни работи.
Осомничените се на возраст од 31 до 64 години. Според сооптението на МВР, М.Љ. во својство на службено лице—претседател на Одбор на директори во Акационерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, од октомври 2022 до септември 2023 година не ја извршувал својата службена должност за заштита на деловниот простор од значење за државата и со намера да прибави за себе и за членовите на злосторничкото здружување противправна имотна корист. Тој извршил противправно рушење (уништување) на автентичниот објект – хотелот „Шар ан“ кој како дел од Старата скопска чаршија со Закон е прогласен за културно наследство.
– М.Љ. иако знаел дека автентичниот објект е културно наследство во сопственост на РСМ со право на стопанисување на акционерското друштво, заедно со С.Љ. вработен во правно лице и К.Д. советник во Конзерваторскиот центар Скопје, формирал злосторничко здружување и заедно со неговите членови: Б.М. управител во правно лице и сопственик на правен субјект од Скопје, Н.И. и Б.Е., сопственик и управител на правно лице и И.Е., вработен во истото правно лице, преземале низа противправни дејствија за противправно рушење на хотелот ,,Шар ан“ – соопшти МВР.
Потоа, тие заедно со останатите членови на злосторничкото здружување: К.Ч., поранешен директор на Конзерваторски центар Скопје, А.А., поранешен в.д директор на Управа за заштита на културно наследство и А.У., поранешен заменик на генералниот директор во Агенција за катастар на недвижности, иако знаеле дека не постои правна основа за упис на промена во Агенцијата, подготвиле документација која ја искористиле со помош на С.С., вработен во Агенцијата за катастар на недвижности, да извршат противправен упис на промена на имотниот лист од градежно изградено во градежно неизградено земјиште и да го променат односно избришат објектот и правото на стопанисување на АД за стопанисување со станбен и со деловен простор.
– Со наведените противправни активности, понатаму би се овозможиле понатамошни противправни дејства од страна на членовите на здружувањето, а С.Љ. да се впише како сопственик на катастарската парцела, со што организаторите би се стекнале со противправна имотна корист за себе и за членовите на злосторничкото здружување, а на државата ѝ нанеле непроценлива штета по однос на статусот на културното наследство, во износ од 180.000.000 денари – соопшти МВР.
Насловна фотографија: Wikipedia





