Творештвото на Кирил Гегоски изложено во Гевгелија

Во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија синоќа беше отворена изложбата „Апотеоза на пределот“ на Кирил Гегоски. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија на Македонија. Според него, пределите на Гегоски, ослободени од своите физички граници и изведени до апстракција, говорат, пред сè, за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност.

– Деконструирајќи го пејзажот и повторно градејќи го преку симплифицирање на мотивот, со определени деформации и стилизација на формите, тој постигнува ефект на преобразба на пределот, се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Личното доживување, дејствување и творење и модалитетот на тематското конципирање и самоистражување на предметниот свет во ликовното пренесување на преданието за уметноста, е конципирачкиот елемент во творештвото на Кирил Гегоски. Неговото творештво е трага на создавачкиот елемент, односно антрополошко лоцирање и рекогносицирање на личната духовна меморија и архива – вели Ѓоргиевски.

Според него, дискусијата за творештвото на Гегоски е вистински предизвик, бидејќи пред себе имаме едно искрено авторско кредо кое произлегува од посветениот уметнички инстинкт, творештво во кое филозофско-интелектуалниот призвук на мошне суптилен и ненаметлив начин се спојува со естетското чувство на авторовиот израз.

Кирил Гегоски

– Неговото сликарство е промислено, динамично и воедно смирено, но и експресивно, полно со трепет, со асоцијативна наративност, понекогаш импулсивно, препуштено на моментот на соочување на уметникот со платното, на решавањето на предизвиците што произлегуваат од самиот процес на создавање на делото и на авторовиот спој на рациото со ирационалното, на свесното и несвесното во чинот на уметничката креација. Во неговите ликовни творби се инкорпорирани елементи од стварноста (предели) преобразени во симболички знаци кои раскажуваат за фрагменти од сеќавањето, интимноста, личниот простор, запрениот миг на времето, еден вид емотивен пејзаж на душата и духовноста. Гегоски делото го доживува во текот на сликањето. Тој во исто време црта, бои, слика, визуализира и субјектот/објектот не го предава во неговата дескриптивност, туку низ сопствената перцепција – вели Ѓоргиевски.

Изложбата во Гевгелија ќе биде отворена до 3 ноември 2025. Претставувањето на Гегоски е во рамките на манифестацијата „Гевгелија – град на културата“ и е во коорганизација на Домот на култура „Македонија“, Музејот во Гевгелија и Националната галерија. Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија.

Фото: Национална галерија

Сподели