Анталија е основана во 2 век пред новата ера. Легендата вели дека владетелот испратил четворица намесници за да го најдат рајот на земјата, инаку ќе ги обезглавел. Тројцата навистина ја изгубиле главата, а четвртиот бил награден, бидејќи го нашол рајот – Анталија
Турција – земјата на лезетот. Земјата во која гостопримството е доведено до ниво на совршенство. А во неа, туристичкиот бисер – Анталија, каде е вистински предизвик да изберете место за летување. Додека пролетта во Македонија минува низ студен воздушен бран, Анталија веќе влегува во туристичка сезона. Скопје останува во маглината рано наутро.

Групата ја предводат вработените во туристичката агенција Fibula Travel Macedonia која во соработка Turkish Airlines организира претставување на туристичката понуда на Анталија. Гостопримството веќе се чувствува на влезот во авионот, се насетуваат насмевките под маските на стјуардесите. Првото големо изненадување е новиот аеродром во Истанбул. Огромно здание, архитектонско чудо кое функционира беспрекорно. Оттука продолжува летот за последната дестинација, бидејќи сè уште не се пуштени чартер-летовите од Скопје до Анталија. Тие траат околу два и пол часа.

Провинцијата Анталија се простира на 440 километри на југозападниот брег на Анадолија. Ограничена од Средоземното Море на брегот и планинскиот масив Таурус на копно, најголемиот град во регионот е Анталија со околу 2 милиона жители. Додека пилотот на Turkish Airlines се подготвува да ја допре пистата, вниманието ви го привлекуваат хектари и хектари под фолии, каде жителите на целиот регион одгледуваат сè и сешто. На аеродромот групата ја пречекува Харис Халиловиќ, долгогодишен туристички водич на „Фибула“ кој повеќе од 15 години живее во Турција.
– Оваа земја излегува на четири мориња: Црно, Мраморно, Егејско и на Средоземно Море. Анкара е главен град со 8 милиони жители, но најголем град е Истанбул каде живеат околу 15 милиони, плус 2-3 милиони бегалци, плус 2-3 милиони непопишани. Официјално Турција има 85 милиони жители и 74 народи. Од целата територија, 3 отсто се наоѓа во Европа, а 97 отсто во Анадолија (Мала Азија). Турците умеат да кажат: сè што може да се изеде е во ред, но најдобро е кога е мешано. Така, оваа фантастична земја е место на многу спротивности – вели Халиловиќ.
Анталија – регион со 2.500 хотели
Анталија е составена од пет региони, Кемер, Кунду, Белек, Сиде и Алања (Аланија). Основана е во 2 век пред новата ера. Легендата вели дека владетелот испратил четворица намесници за да го најдат рајот на земјата, инаку ќе ги обезглавел. Тројцата навистина ја изгубиле главата, а четвртиот бил награден, бидејќи го нашол рајот – Анталија.

Анталија / Фото: Есгин Мурат, извор Wikipedia
Градот всушност го основала династијата на Аталидите од Пергамон. За кусо време градот потпаднал под Римска власт, кога Анталија доживеала процут. Денес се останати неколку споменици на културата од тој период, како Хадријановата порта. Низ историјата градот бил под власта на султанатот на Селџуците (1207 г.), а од 1391 година и во рамките на Отоманската Империја, сè до почетокот на 20 век, Младотурската револуција и времето на Мустафа Кемал Ататурк, кога Турција станала независна.

Во 80-тите години грчкиот остров Родос имал повеќе хотели од цела Анталија. Повеќето од местата покрај брегот биле само козји патеки. Денес на овие места се изградени широки асфалтни патишта и инфраструктура, хотел до хотел покрај брегот на морето, а пластеници од другата страна на патот. Во моментот Анталија има околу 2.500 хотели кои се дел од целата машинарија за масовен туризам и секоја година пречекуваат милиони туристи од целиот свет.
– Пресвртот се случил во осумдесеттите години кога тогашниот претседател донел одлука да им додели бесплатно земјиште на користење во наредните 99 години на сите инвеститори кои ќе вложат во изградба на хотели со 5 ѕвезди. Тие и денес имаат многу даночни олеснувања – за изградба на секој нов хотел, не плаќаат данок на претходниот. Така државата им помага на домашните инвеститори, а туризмот се развива – објаснува Халиловиќ.
Во изминатите години Руси купиле многу хотели. Така денес сопственици на половина од хотелите се Турци, а на другата половина – Руси.

Во 2019 година Турција ја посетиле 53 милиони туристи, од кои 18 милиони биле само во Анталија. Овие бројки ја прават Анталија центар на туризмот во цела Турција. Лете туристите престојуваат во хотелите каде има одлична забава за сите возрасти. Напролет и наесен хотелите работат со 40-50 отсто од капацитетите, за љубители на културно-историската програма.
– Организираме тури за Ефес, Кападокија, Ликија и многу други места. Зиме пак доаѓаат спортистите на подготовки. Фудбалерите на „Галатасарај“, „Фенербахче“ и многу други клубови од различни спортови се во Анталија. Во 2019 година „Фибула“ во Турција донесе 160.000 гости од Балканот и постигна рекорд. Лани имавме 85.000 гости, а годинава очекуваме повеќе од 100.000 туристи – раскажува Халиловиќ.
Аквариум, Делфинариум, Земјата на легендите
„Фибула“ има свои водичи кои ги водат туристите на атрактивни места во и надвор од Анталија – посети на Памукале или Ефес, на жичницата која ќе ве одведе до 2.365 метри надморска височина, на Аквариумот со најдолг тунел од 131 метар и соседниот Делфинариум каде можете да пливате со делфини.
Аквариумот е приказна за себе, а секој ја доживува различно. Импресивно е одблиску да видите дел од таинствениот воден свет, октоподи, ражи што можете да ги храните. Но, дел од огромните риби живеат во толку мал простор што веќе престанале да пливаат. Долгиот тунел ве води низ најголемиот базен во аквариумот во кој пливаат ајкули и други видови од морскиот свет.

Посетата на сиве атракции се организираат од хотелот каде сте сместени и во рамките на билетот превозот е најчесто бесплатен. Друга атракција на Анталија за целото семејство е Земјата на легендите (Land of legends), огромен хотелски комплекс со адреналински парк, воден парк, продавници, бутици, ресторани. Едноминутното возење на ролеркостерот ви го протресува секој атом во телото, па додека централниот нервен систем ви вели дека сте безбедни, останатите органи го преиспитуваат неговиот став. Тука е „Галеон“ кој ве врти и превртува околу 5 минути, а „Тајфун“ е помала верзија на ролеркостер кој ве освежува кога поминува низ вода. Всушност, ве прави „жива вода“. Околу базени, плажи со чадори и лежалки, мрзлива река во која можете да се опуштите или тобогани за трагачите по возбуда.

Многу соби во „Land of legends“ се тематски и посветени на ликови од цртани филмови. Во собите дури има и гејминг сетови за поголемите деца. На влезот во комплексот добивате алка со која бесплатно ги користите сите атракции. Пијалоци и храна, користењето сефови дополнително се плаќа.
Земја на спротивности
Турција е земја на спротивности. Планините околу Анталија сè уште држат снег. Водичот Харис вели дека се случува со пријателите наутро да одат на скијање, а попладневните часови да ги поминат на плажа. Истанбул е еден од најголемите градови во светот, познат како точка на поврзување на двата континента – Европа и Азија. И културата е различна во секој град.

– Долги години живеев во Измир, за мене еден од најубавите градови во Турција. Во Измир околу 60 отсто од населението е муслиманско и е најлибералниот град во Турција. Таму ќе видите мажи со црвени патики кои се шетаат држејќи се рака и тоа е сосема вообичаено. За истиот обичај во Коња, најконзервативниот град каде 90 отсто од населението е муслиманско, ќе бидете најстроги казнети. Арапите велат тоа е богохулие, Турците велат: за сите има место. Таква е ова земја – раскажува Халиловиќ.

Алања е последниот град од провинцијата Анталија. Во него живеат околу 450.000 жители, од кои 30 отсто се странци – најмногу има Германци и Норвежани. Има и сопственици од балканските земји кои еден месец налето си живеат во станот, а останатите месеци во годината го издаваат и така го отплаќаат. Алања е основана во 7 век пр.н.е., но има остатоци од палеолитот и од бронзеното време. Во римско време градот се викал Коракесиум, а во еден период бил пиратски град.

– Пиратите владееле со овие мориња, имале свое простаниште, тука граделе свои бродови. Градот е познат по малите банани што се одгледуваат тука, а климата е добра и за авокадо, киви, манго. Алања има 300 сончеви дена во годината кои се користат за обновливи извори на енергија. Скоро секој дом има соларен бојлер. Легендата вели дека Марко Антониј го видел местото, ја искекол целата шума, изградил 900 брода со кои донел песок од Александрија за да ја одушеви Клеопатра. Затоа и најубавата плажа во Алања се нарекува Плажата на Клеопатра. Се разбира, ова се само легенди – вели Халиловиќ.

На пристаништето во Алања се укотвени многу бродови кои како да излегле од филмовите. Пристаништето е скоро споено со чаршијата полна со дуќани и трговци подготвени да се исценкаат за последната пара што ја имате в џеб. Продавниците се полни со роба. Многумина велат дека за фалисификатите на познати брендови се толку добро изработени, што ниту произведителите на оригинали не можат да ги препознаат. На секој чекор облека, чанти, обувки испишани со препознатливи знаци и имиња. Некои од трговците се „тврди ореви“ и не попуштаат, а некои се толку „чешит“ што ќе ве извртат, насмеат и на крај пак ќе ви ги земат парите. Па заминувате со мислата дека сепак ве прелажале, ама случката ќе ја паметите до крајот на животот. Ете, таква е Турција.

Фото: Алмедина Исмајли
(Продолжува)





