Научниците Пјер Агостини, Ференц Крауц и Ан Лилие ја добија Нобеловата награда за физика

Научниците Пјер Агостини, Ференц Крауц и Ан Лилие се годинашни добитници на Нобеловата награда за физика, соопшти Кралската шведска академија на науките. Наградата ја добија за „за експериментални методи кои генерираат атосекундни пулсирања на светлината за проучување на динамиката на електроните во материјата“.

– Добитниците на Нобеловата награда за физика за 2023 година добиваат признание за нивните експерименти, кои му дадоа на човештвото нови алатки за истражување на светот на електроните во атомите и молекулите. Пјер Агостини, Ференц Крауц и Ан Лилие успеаја да создадат екстремно кратки импулси на светлина што може да се користат за мерење на брзите процеси во кои електроните се движат или менуваат енергија. Нивниот придонес овозможи истражување на процеси кои се толку брзи што претходно беше невозможно да се следат – вечат од Академијата.

Унгарската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман ја добија Нобеловата награда за физиологија или медицина. Тие се наградени за нивниот придонес во развојот на мРНА вакцина против коронавирусот. Според Комитетот што ја доделува наградата, нивните наоди биле клучни за развојот на ефективни мРНА вакцини против коронавирус за време на пандемијата што започна на почетокот на 2020 година.

Нобеловите награди се иницирани и се доделуваат во чест на Алфред Нобел (1833-1896), пронаоѓачот на донамитот. Наградите на добитниците ќе и бидат врачени традиционално на церемонија на 10 декември, годишнината од смртта на Нобел.

Илустрација: Никлас Елмехед / Извор: Nobel Prize

Сподели