Подготвиле: Александра Јуруковска и Сребра Ѓорѓијевска
Кларинетистот Благој Ламњов, хор-мајсторот Елена Митревска и членот на хорот Дарко Нешовски учествуваат во операта „Циркуско деноноќие“ на Операта во Малме
Македонскиот кларинетист Благој Ламњов е дел од тимот на циркуската опера „Циркуско деноноќие“ (Circus days and nights) на Циркуз Циркор и Операта од Малме. Во интернационалната екипа на проектот се уште двајца Македонци – со хорот на Операта диригира Елена Митревска, а во хорот пее и Дарко Нешовски. Автор на музиката е легендарниот Филип Глас кој компонира по инспирација на уникатната приказна на американскиот поет Роберт Лекс, кој во 40-тите години на минатиот век го сретнува семејството на циркуски артисти, Кристијани.
Фасциниран од нивниот начин на живот, почнува да патува со нив и дел од тие доживувања ги претвора во поезија. Денес, 70 години подоцна, шведската циркуска компанија Циркуз Циркор прави циркуска опера за која музиката ја потпишува популарниот Глас, кој на страницата на Циркор пишува: „Правата за поезијата ги имав повеќе од десет години, но не успеав да компонирам ништо, сè додека не го најдов својот сопствен циркуз“.
Кларинетистот Благој Ламњов потекнува од Велес, но кариерата ја гради на повеќе места во светот, а последниве неколку години е стациониран во Малме, Шведска како дел од оркестарот на тамошната опера. Тој во 2019 година ја освои публика со албумот Nostalgic love, работен врз македонски музички мотиви. Тој не ја крие својата фасцинација од можноста да учествува во шоу како „Циркуско деноноќие“. Тој и неговите колеги музичари на сцената се заедно со акробати од целиот свет, чии движења го одземаат здивот.
– Одлично е што заедно музицираме на странска почва. Многу сум среќен што можам да бидам дел од ваков проект, каков досега сум гледал само на телевија. Јас немам главна улога, но уживам во дружбата на сцена и зад сцената со циркузантите од Белгија, Канада, Француска Гвинеја. Ова е феноменално доживување за мене – вели Ламњов.
Тој најавува дека оваа продукција планира светска турнеја во наредните седум години, но и дека тој сè уште не одлучил дали ќе се приклучи на турнејата.

Елена Митревска (фото: Мињаш Жугиќ)
Во последната година, Елена Митревска е хор-мајстор на Операта во Малме. Самата вели дека го добила работното место во многу чуден период, време кое е тешко за секој театар, посебно тешко за секој хор.
– Многу проекти се откажаа, се бараа константно нови сигурни начини за да можеме да продолжиме да работиме. Благодарна сум, сепак, што наидов на одличен тим, на една професионална група опејачи со кои одлично се разбираме, учиме секојдневно едни од други и тоа ме прави многу среќна – вели Митревска.
Таа нагласува дека се посебно горди што успеале да ги изведат сите десет претстави на најбезбеден начин.
– Филип Глас е еден од најзначајните и највлијателните и оригиналните композитори на денешницата, главен пионер на минималистичката музика. Неговиот опус опфаќа од гудачки квартети, симфонии и опери до филмска музика. Имајќи предвид дека во операта немаше оркестар, туку ансамбл од седум музичари, кои беа дел од приказната на сцена, освен како хор-мајстор, имав чест да бидам ангажирана во целиот проект и како диригент – вели Митревска.





