Три уметници од Македонија учествуваа на симпозиум во Египет: Уметноста е јазик кој зборува без зборови

Дороти Пачкова, Анамарија Митриќеска-Кал’чева и Татјана Антевска-Маркоска, три уметници од Македонија учествуваа на 2. Интернационален културен и ликовен симпозиум во Шарм Ел Шејк, Египет, што се одржа кон крајот на септември. Настанот, под покровителство на генерал-мајор д-р Халед Мубарак, гувернер на Јужен Синај, организиран од Мухамед Фарук Хемида (Ostraka Arts) е платформа за промоција на Египет како глобална културна и туристичка дестинација и за зајакнување на интеркултурната размена.

На симпозиумот учествуваа околу 60 професори, магистри и доктори по уметност од 20 земји, вклучувајќи истакнати експерти во своите области. Атмосферата беше полна со интелектуална и креативна моќ – од енергијата на Турција и Јапонија, до колоритот на Либан и Косово, до Азербејџан и Саудиска Арабија, па и Америка и Милано, секој импулс беше уникатен, но заеднички создаваше хармонија на глобално творештво, велат учесничките од нашата земја.

– Уметноста е јазик кој зборува без зборови и кога ја претставуваме Македонија на глобалната сцена, секое појавување и движење, секој контакт и замав имаат свој глас, глас од Македонија за светот – вели Дороти Пачкова.

Дороти Пачкова

За нејзината колешка Митриќеска-Кал’чева, „културната размена и експресивното сликање будат емоции на постојаност и отвораат видици за подобра иднина“.

– Секое мое дело е одраз на љубовта кон уметноста и кон Македонија. Се обидувам да ги пренесам чувствата и приказните што не можат да се доловат секогаш со зборови. За мене тоа е начин да ги поврзам традицијата и современоста и да најдам заеднички јазик со луѓе од различни култури – вели Антевска-Маркоска.

Татјана Антевска Маркоска

Татјана Антевска Маркоска е сликарка од Тетово, уметница чиј пат е обележан со посветеност и љубов кон ликовната уметност. Каде дипломира како професор и педагог по ликовна уметност, сликарство. Член е на Здружението на ликовни уметници во Тетово, каде активно делува и на позицијата куратор, а воедно е и директор на Клубот на уметници при здружението КУД „Иљо Антески – Смок“ во Тетово. Паралелно, работи како професор по ликовно образование и е постојано присутна на ликовната сцена, со бројни учества на натпревари и изложби, каде што е добитничка на повеќе награди и признанија. Антевска-Маркоска се посветува на фрескоживописување во црквите низ регионот, продолжувајќи ја традицијата на македонската сакрална уметност, а истовремено активно создава и како слободен уметник, преку дела во кои ги преточува своите лични емоции и визии.

Анамарија Митриќеска-Кал’чева

Митриќеска-Кал’чева дипломира костимографија и висока мода и е магистер по ликовни уметности на Академијата во Фиренца, Италија. Работи како наставник по ликовно образование во Негорци, Гевелија, каде и живее. Уметник чиј акции доловуваат енергија, движење и глобална културна размена.

Дороти Пачкова е интердисциплинарна академска сликарка и магистер по социо-хуманистички науки, основач на Развојна академија, претседателка на граѓанска организација и мрежа „ЈунајтедФем“ за родова еднаквост. Пачкова ја спои авторската визија со социјален импакт и лидерство, инспирирајќи колеги од целиот свет преку арттерапевтското дело кое го создаваше во живо на настанот организиран за тоа.

-Секој контакт со другите артисти ми покажуваше колку силно културата и креативноста можат да поврзат луѓе од различни континенти, со кои сепак делиме исти вредности и страст за создаваштво – вели Пачкова.

Во Шарм Ел Шеик се сретнав со уметници од целиот свет, а секој од нас даде дел од себе во заедничката атмосфера, вели Татјана.

-Уметноста ја гледам како нешто што нè поврзува. Творењето не е само личен израз, туку и дијалог со другите – начин да се разбереме без разлика на јазикот или потеклото.

Круна на ова искуство беше фактот дека две дела од македонските уметници, заедно со уште 16-17 други учесници, беа избрани да ги красат просториите на Гувернатот на Јужен Синај, што е огромно признание за меѓународната вредност на македонската уметност, за нас како авторки. Не е прв пат, надвор да нè ценат и вреднуваат повеќе отколку локално и тоа е единственото жално во ова патешествие – ода за креативната еруптивна моќ. Добиле покани од Универзитетите во Азербејџан, Саудиска Арабија, Истанбул и Мароко, да одржат предавања и работилници, секоја во својата област.

– Дискутирав за нашата традиција и религија преку фрескоживописувањето и со радост сум поканета да го споделам ова мое знаење и инспирација со студентите при Факултетот за ликовни уметности во Саудиска Арабија и да им пренесам дел од топлината и љубовта што ја носи нашата култура. Делото што го создадов во Шарм Ел Шеик го направив инспирирана од нашата македонска традиција. Ги користев црвената и црната боја од фолклорот и жолтата како симбол на сонцето. Во средина исполнета со позитивна енергија и соработка, духот прерасна во единство, објаснува Татјана.

Дороти се осврна на интердисциплинарноста и терапевтската моќ на создавањето. Теми релевантни на глобалното милје на културолошките и социо-хуманистички науки, но и шепот на традицијата, пресек на модерното и она кое го носиме од предците, да го предаваме глобално. Таа додава дека добиле покана да учествуваат на идни глобални настани, културни и артистички фестивали, продолжувајќи ја мисијата на културното вмрежување и промоцијата на македонската култура на меѓународната сцена.

Ова патување покажа дека уметноста не познава граници, а Македонија има што да каже.

Дороти Пачкова вели: „Да ја носиме нашата култура низ светот преку уметноста е една од најсилните форми на дипломатија. Секој настан, секое сликање, секој разговор остави трајна инспирација на оние со кои стапивме во контакт и кон нас самите, да погледнеме појасно каде сме позиционирани глобално и да продолжиме да твориме.“

Oвој симпозиум ми ja докажа уште еднаш трансформативната моќ на уметноста, вистината во нас самите и мирот и радоста кои може да се достигнат живеејќи ја сопствената индивидуална природа, вели Митриќеска-Кал’чева.

– Насмевките на лицата, творењето во живо без подготовки и емоциите искажани за време на престојот покажаа колку е слободата и себеизразувањето важно. Радоста на лицата низ вмрежувањето, размените на искуства и меѓусебното разбирање ја потенцираа убавината на уметноста и културата и колку се тие важни дестинации за иднината, кое само го потврди моето мислење. Како гранки имаат посебен придонес во општеството, односно ја разубавуваат средината и градат длабоки духовни и филозофски размислувања. Со нив впиваме убавина, а изливаме емоции, интересно е што не сме свесни и самите дека уметноста како интерна слобода ја содржи секој од нас, а имагинацијата го возвишува и храни духот со висока вибрација. Можам да кажам дека се вратив друга личност од таму. Треба повеќе да се ценат уметноста и културата, за да имаме поздраво општество – подвлекува таа.

Сподели