Водич низ три меѓународни изложби со кустосот Бојана Јанева ќе се одржи денеска во 12 часот во Музејот на современата уметност во Скопје. Еден час подоцна почнува матине со музички избор на диџејот Дарко Јорданов.
Јанева ќе ги запознае посетителите со:
– „45 години ФЛУ“ – јубилејна изложба, резултат на соработката помеѓу Факултетот за ликовни уметности од Скопје и МСУ.
– „Форми што летаат: меѓународни уметници во француските колекции“ – избор на дела од француските колекции на МСУ од Лион и МСУ од Скопје. Изложбата е курирана од Матје Лелиевр, директор на Одделот за колекции во Музејот во Лион.
– „Калдер: Флуидна модерност“ – изложба која ја истакнува звучната композиција на Дорит Крајслер, создадена во интеракција со мобилот на Александар Калдер. Курирана од Нада Прља.
Ова е една од последните можности да ги видите изложбите пред нивното затворање. За време на музичката дружба за најмладите посетители ќе биде организирано детско катче, каде децата ќе може да цртаат инспирирани од изложбите.





