„Менче Спировска – визуелна фасцинација со Загреб“ е насловот на изложбата на една од најзначајните македонски графичарки која неделава беше отворена во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Изложбата за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб. Делата се чуваат во фондовите на Музејот на уметности и занаети.
Централно место на изложбата е нејзиното досега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое за првпат е изложено во целост. Создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб и оставило значајна трага во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.
– Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредник на културните и естетските вредности на двете земји – велат од македонскиот КИЦ.
Изложбата е отворена во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети од Загреб. Поставката е заеднички проект на загрепскиот Музеј на уметностите и занаетите и македонскиот КИЦ. Директорите на двете институции Мими Ѓоргоска-Илиевска и Сањин Михелиќ велат дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија.
Мена Спировска – Менче (1928, Прилеп – 2011, Скопје) е првата академски образована ликовна уметничка во Македонија. Била нарекувана првата македонска феминистка која шокирала со своите дела. Таа е сопруга на еден од основоположниците на македонската модерна уметност, сликарот и графичар Драгутин Аврамовски-Гуте и има огромно влијание во развојот на современата македонска уметност по Втората светска војна.
Насловна фотографија: Македонски КИЦ во Загреб





