Треба да се викате Музичка република – вистинско концертно шоу на ЗЏМ и Рамбо Амадеус

Вие треба да се викате Музичка република, а музиката да ви биде извозен производ – порача црногорската музичка легенда Рамбо Амадеус на концертот што го одржа заедно со членови на ЗЏМ Биг бенд во Филхармонијата. Видно среќен што настапува пред македонската публика, со посебна почит кон зданието во кое настапува, но најмногу со голем пиетет кон сите џез музичари на сцената, предводени од диригентот Емин Џијан.

Гледалиштето полно до последно столче, атмосфера како што ја личи на ваков концерт, Скопје едноставно уживаше. Расположена публика која сакаше настапот да трае, повеќето фанови на Рамбо Амадеус, сведочеа за новиот звук на неговите песни. За новото руво на „О како је тешко бити цар“, „Урбано само урбано“, „Музика“, „E мој Рамбо3“ и многу други, и тоа како се погрижија дел од членовивте на Здружението на џез музичарите, кои направија извонредни аранжмани.

На страна на аражнжамните и музичарите уживаа во импровизации на кои публиката се топеше. Во посебен елемент беше алт саксофоноситот Петар Христов, кој публиката, а и Рамбо Амадеус го доведуваше до позитивен делириум. Посебен шмек на концертот му даде сопранот Билјана Јосифов.

Концертот траеше и повеќе од два часа, а во знак на благодарност кон публиката, Рамбо Амадеус и ЗЏМ приредија и бис.

Едно е јасно, начинот на кој се развива овој музички состав е една од најсветлите точки на македонската сцена. Имаме врвни музичари од светски калибар и прашањето за институционализација на ЗЏМ е уште поактуелна после вакви концерти. Ова прашање е до толку поитно се додека не им биде доста и да фатат пат по белиот свет. А тогаш ќе е доцна.

 

Фотографии: Маја Аргакијева

Сподели