Тони Наумовски и Душан Кардалевски за „Лена и Владимир“ наградени на фестивал во Требиње

Актерот Тони Наумовски за улогата во филмот „Лена и Владимир“, ја доби наградата „Голема повелба на Леотар“ на Филмскиот фестивал што се одржа во Требиње, Босна и Херцеговина. Наумовски е награден за „минималистичката и емотивно снажна интерпретација на комплексниот лик Владимир во филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов“. Директорот на фотографија, Душан Кардалевски, пак, е награден за визуелната и колористички раскошна фотографија на модерната филмска бајка „Лена и Владимир“. Наградите беа доделени во Домот на младите во Требиње.

Гран при на фестивалот доби „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ.  Сенад Башиќ ја доби наградата за разочаран гастарбајтер од Балкан на чии плеќи се кршат предизвиците на модерната Европа во филмот „Босански лонец“.

Александра Лазаровски доби награда за концизно и ефектно износена филмска приказна во краткиот игран филм „Стелар“. Андреј Шепетковски, режисер, сценарист и продуцент на филмот „Служба“ е награден за европско остварување во целина.

Сподели