„Битолино“, пред сѐ, значи предизвик, традиција, потреба, културна револуција, едукација, задоволство, уживање, забава за сите генерации… – вели Васко Мавровски, основач
Судејќи по интересот на публиката, огромниот број волонтери и пријавени деца за театарските работилници, фестивалот станува сериозен фактор во креирањето на културните политики во Битола и пример за презентација на Битола и Македонија во светски рамки, вели Васко Мавровски, основач и директор на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола, чие 13. Издание е во тек, под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“. Васко заедно со актерката Јулијана Мирчевска пред 13 години ја започнаа оваа приказна која успешно се развива од година в година и сè повеќе го привлекува вниманието на децата, но и на возрасните. ИДТФ „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“, а оваа година фестивалот повторно е проект од национален интерес во културата за 2024 финансиски поддржан од Министерството за култура и дел од Годишната програма за култура на Општина Битола за 2024 и составен дел од програмата на „Битфест 2024“.
Задоволни ли сте како се развива „Битолино“?
– „Битолино“, пред сѐ, значи предизвик, традиција, потреба, културна револуција, едукација, задоволство, уживање, забава за сите генерации… ИДТФ „Битолино“ е првиот македонски детски театарски фестивал, настан кој од самиот почеток каска пред времето, авангарда и храбар чекор кој го направивме свесни за предизвиците, проблемите, но и за задоволството по успешно реализираните фестивалски изданија. „Битолино“ минатата година стана дел од традиционалните настани од јавен интерес, кој го финансира Општина Битола со претходно одобрување од советниците во Советот на општината и конечно го доби заслуженото место на мапата на културни настани на градот Битола. ИДТФ „Битолино“ со посетеност, на досегашните изданија, од повеќе од 16.700 гледачи со 84 одиграни претстави од 48 театри кои во Битола допатуваа од 30 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар, а ова 13-то издание, најверојатно, значи насушна потреба за децата во градот, за квалитетна едукација и создавање на здрави поколенија кои во иднина ќе имаат високи стандарди и театарска естетика и ќе бидат основа за квалитетен развој на македонскиот театар воопшто.
Оваа година се пријавиле 120 претстави. Каков е предизвикот при селектирањето?
– Последните неколку години некако претставите „сами“ се селектираат и го одбираат правецот во кој ќе се движи фестивалот. Публиката во изминатите години ја запознавме со сите правци и жанрови во театарот за деца, имаа можност да погледнат куклени претстави, монодрама за деца, физички театар, пантомима, танцов театар, социолошка драма за деца итн. Во Битола во изминатиот период имавме можност да погледнеме куклена претстава која целосно беше изработена од рециклирана хартија која театарот од Израел ја собирал повеќе од 10 години, имавме можност за прв пат да погледнеме театарска претстава во која главната улога ја толкуваше слепа актерка која дипломирала на специјалната академија за глума во Загреб, претставата од Чиле беше проект кој авторот го создал од материјали од отпад кои подоцна ги украсил со најновите светлосни ефекти, неколкупати имавме можност да уживаме во куклените претстави на театрите кои ни доаѓаа од земји признати за мајстори во работата со кукли, Бугарија, Романија и Русија, од САД ни гостување мајсторот за изработка на маски Лари Хант кој на сцената одигра повеќе од 50 маски, на две изданија на фестивалот гостите од Турција одиграа две фантастични претстави работени според нивниот традиционален караѓоз театар на сенки и имавме чест да погледнеме две танцови компании од Франција кои последните неколку години сериозно се занимаваат со танцов театар за деца, уличен театар, кловнијада итн.
Оваа година од 120 аплицирани претстави по својот квалитет се истакнаа претставите кои не користат говорно дејство (невербалниот театар) и сите шест селектирани претстави се од ист тип, па затоа и мотото на фестивалот е „Раскажи ми приказна без зборови“, а во однос на тоа дали е тешко да селектираш претстави за Битолино одговорот е да, но да гледаш стотина претстави од целиот свет и секој ден да ти биде исполнет со неверојатни приказни за деца со феноменална визуелизација и одлични актери е бесценето.
Што сè ја очекува публиката на годинешното издание?
– Оваа година публиката ќе има можност да погледне шест претстави од Шпанија, Литванија, Германија, Португалија, Унгарија и Словачка во официјална конкуренција, најновата премиера на Бабец театар „На гости кај Кате и Фреда“ во придружна програма и децата ќе можат да земат учество во театарската работилница под менторство на Војо Цветановски со наслов “Раскажи ми приказна во движење“. Каква приказна ќе оставиме зад себе останува да одговори публиката.
На 13. издание на ИДТФ „Битолино“ ќе биде доделена Гран при за најдобра претстава во целина“, за наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници од интернациналното жири во состав: претседател на жири комисијата Милан Пајиќ (Србија), актер и членовите на жири комисијата: Драгана Милошевски Попова, театарски режисер и Благојче Божиновски, театарски режисер.
За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети ќе помогнат НУ Центар за култура Битола и НУ Народен театар Битола. Логистичката поддршка за фестивалот е од Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.