Актерот Тони Михајловски е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав на актерите: Слободанка Чичевска, Фаик Мефаилоски и Благојчо Стојанов. Наградата ќе биде врачена во рамки на фестивалот на комедија „5ре“, што ќе се одржи од 20 до 31 март.
– Голема чест ми е да сум носител на награда со такво големо име. Благодарам на Велес и на колегите кои одлучија јас да се вбројам меѓу лауреатите. Се надевам уште долго ќе ја носам – објави на својот фб-профил, Михајловски.

Михајловски повеќе од три децении е дел од македонскиот театар, филм и култура. Преку остварените ликови на сцената на МНТ и на други театри и ликовите пред филмската камера се испишува и голем дел на историјата на театарот и филмот кај нас. Посветеноста, автентичноста и препознатливоста на Михајловски говорат за неговиот широк актерски распон и придонес на сцената, а истовремено и за секоја нова претстава/филм/серија. Тој е еден од најпопуларните и најталентирани актери во македонското глумиште. Со огромен одглас и вон нашата земја. За тоа сведочат ликовите во 27 претстави на сцената на МНТ и на други сцени, 46 лика во филмови и ТВ серии во македонска и балканска продукција, како и 3 режии. Не помалку се важни и неговите успешни реализации и работа во ТВ проекти и емисии, и како текстописец на бројни песни за голем број на пејачи и групи.

Театарскиот фестивал на комедија се одржува по трет пат во организација на Здружението „Плус публика“.
Градоначалникот Марко Колев истакна дека Општина Велес сериозно вложува во културата.
– Општина Велес досега финансирала голем број културни настани што траат со децениии, но и оние кои сме ги основале три години. Овој театарски фестивал посветен на великанот Петре Прличко, општината го финансира со 800.000 денари. Се надевам дека љубителите на театарската комедија ќе имаат можност да проследат интересни и квалитетни театарски претстави“, рече Колев.
Во рамки на фестивалот на комедија ќе се одиграат шест претстави.

Манифестацијата започнува со претставата на велешкиот театар „Вечера за глупаци“ во режија на Ненад Витанов, потоа следуваат претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“, „Мој термин“ на МНТ, „Црвенкапа“ на Театар за деца и младинци, „Секс и лаги“ на кумановскиот театар, „Женидба“ на Народен театар Штип и стендап-комедија на Сашко Коцев.





