Студентите од ранливите категории имаат потреба од тутори – истражување на Институтот за педагогија

Научно-истражувачкиот проект беше реализиран во 2022 година, а целта беше да ја детектира моменталната состојба во поглед на поседувањето на одредени т.н. туторски компетенции во контекст на унапредување на успехот на студентите од ранливите категории

Најголем дел од студентите од ранливите категории немале никаква помош и поддршка од страна на тутори во текот на нивното студирање. Потребна им е зачестена средба и работа со тутори на неделно и на месечно ниво. Ова се дел од резултатите од научно-истражувачкиот проект „Tуторството со студентите од ранливите категории во високото образование“ што ја изработи Институт за педагогија при Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Резултатите укажуваат дека со употребата и унапредувањето на туторската воннаставна работа на УКИМ ќе се зголеми меѓуинституционалната соработка, квалитетот на стекнатите излезни компетенции кај студентите од ранливите категории и атрактивноста на студиите на Универзитетот. Главен истражувач во проектот е проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, а учествуваа и проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска, проф. д-р Анета Баракоска и проф. д-р Елена Ризова. Сите имаат високи признанија од аспект на теориски изданија и практична имплементација на соодветни модели за реализација на професионализацијата на туторите и високообразовниот кадар на национално и интернационално ниво.

– Проектот претендира да ја детектира моменталната состојба на студентите од ранливите категории, насочен е кон зголемување и подобрување на нивниот успех и образовните потреби на високообразовниот кадар и туторите, во поглед на поседувањето на одредени професионални компетенции – велат истражувачките.

Во Западна Европа концептот на туторство има долга традиција

Научно-истражувачкиот проект беше реализиран во 2022 година, а целта беше да ја детектира моменталната состојба во поглед на поседувањето на одредени т.н. туторски компетенции во контекст на унапредување на успехот на студентите од ранливите категории.

– Туторството на студентите од ранливите категории, со посебни образовни потреби, оние со тешкотии во учењето, претставници од ромската популација, како дел од ранливите категории во Македонија, претставува актуелна потреба на високото образование кое би довело до стекнување и дополнување на постојните знаења и вештини на овие категории студенти. Вклучувањето на ранливите групи студенти во високото образование подразбира обврска да се обезбеди правично и ефективно високо образование, кое одговара на нивните потреби како студенти. Тоа бара промени и адаптации, искористувајќи ги достапните ресурси за поддршка на учењето и градење на постоечките практики и знаења – вели Томевска-Илиевска.

Учеството во воннаставната поддршка за учење т.е. туторската работа, честопати е поврзано со надеж за компензација на слабите достигнувања во учењето (во форма на оценки или повратни информации од високообразовниот кадар) или за понатамошно подобрување на постојните достигнувања во учењето. Мотивоте за воведувањето на туторството може да бидат поврзани и со пазарот на трудот бидејќи дополнителната поддршка за учење ќе ја зголеми веројатноста за подобрување на квалификациите. Во однос на системот на воспитание и образование, ако студентите изгубат доверба во индивидуалната поддршка што ја добиваат во текот на наставата, тие би можеле да се потпрат на воннаставната поддршка, како своевидна компензација на претходниот дефицит.

– Во земјите од Западна Европа концептот на туторство има многу подолга традиција на примена во однос на нашата држава. Целта на овој научно-истражувачки проект е да ја докаже оправданоста и потребата од примена на туторството во високото образование на студентите од ранливите категории. Идејата за ангажирање на тутори во високообразовните институции честопати се поддржува и од страна на невладините организации, што може да резултира со тимска работа и континуирано унапредување на квалитетот на стручното знаење на студентите од ранливите категории, како и за спроведување на програма базирана на меѓуинституционална поддршка – вели Томевска-Илиевска.

90,38 отсто студенти се изјасниле дека немале никаква помош и поддршка од тутори

Основна цел на проектот е да се утврдат високообразованите модели и ефикасноста, оправданоста и важноста на туторската работа со студентите од ранливите категории. Туторот треба да биде личност која добро ќе биде запознаена со социјалниот, економскиот, образовниот и културолошкиот аспект на оваа категорија студенти, без разлика на нивните способности или потешкотии, раса, националност, јазик или попреченост. Тој може да биде студент, дипломирано лице во областа на која е запишан студентот, асистент-тутор или ментор-тутор.

– Студентите на овој начин се поттикнуваат за да ја развијат компетенцијата учење како да се учи, го подобрува ставот кон учењето, го прави учењето да биде поинтересно и забавно, зголемувајќи им ја самодовербата кон она што учат. Зголемувајќи ги нивните академски перформанси, студентите се подготвуваат за колоквиуми, испити и други видови академски задачи кои ги нуди факултетот – објаснува Томевска-Илиевска.

Истражувачките користеле комбиниран пристап од квалитативни и квантитативни методи и техники на истражување. Опфатени се студенти од сите студиски програми од првиот циклус на Филозофскиот факултет во Скопје (551 студент), што претставува репрезентативен примерок од 30 отсто опфатеност на популацијата, 13 универзитетски професори од Филозофскиот факултет во Скопје, претставници од Секторот за образование од 8 локални самоуправи и 14 професори од средни училишта. Резултатите претставуваат солидна основа за развивање на соодветен образовен модел за унапредување и осовременување на туторската работа со студентите од ранливите категории.

– Најголем дел од студентите, дури 90,38 отсто се изјасниле дека немале никаква помош и поддршка од страна на тутори во текот на нивното студирање. Студентите ја изразуваат потребата од зачестена средба и работа со тутори на неделно и на месечно ниво. Според овој модел, туторската функција за студенти на кои им е потребна поддршка и помош ќе се имплементира преку обезбедување на академската литература и наставни помагала според потребите на студентот, објаснување и утврдување на материјалот за подготовка на испитите и вежбите, помош во однос на административни регулативи, при пополнување на потребната документација за уписи на семестри, заверување на семестри, помош при користење на софтверот на УКИМ, пријавување предмети за полагање во испитна сесија по електронски пат преку Iknow системот, индивидуален високообразовен план кој подразбира прилагодување на образовните стандарди и содржини изработени од страна на туторот со асистенција на професорот – вели Aнгелоска-Галевска.

Полесно надминување на потешкотиите

Во однос на дополнителните компетенции за подобрување на квалитетот на образованието, студентите сметаат дека имаат потреба од развивање стратегии за успешно учење, развивање на систем за користење на Брајовото писмо и знаковниот јазик потребни за полесна комуникација со студентите од ранливите категории, како и стекнување и развивање на истражувачки, статистички (развивање вештини за изработка на семинарски и дипломски трудови, академско говорење и пишување) знаења и вештини и стекнување на знаења од странски јазици. На студентите од ранливите категории од голема помош би им биле дополнителните наставни материјали и литература, организирање на работилници и семинари, учество на дебати на различни теми, при кои ја истакнуваат потребата од запознавање со различни начини и стратегии на учење, реализирање на практична настава во поголем обем и посета на институции од областа во која студираат.

На студентите кои имаат потешкотии со усното/писменото изразување да им биде овозможено испитувањето на знаењата да се изведува според нивните потреби, а за студентите со посебни образовни потреби да се користат специјализирани софтвери, пришто би им помагале стручни лица.

– Дури 50 отсто од студентите не се запознаени за помошните академски ресурси, на пример: Одделението за студентски прашања, Факултетското студентско собрание, библиотечниот фонд итн. На овој начин ќе се овозможи полесно надминување на потешкотиите на кои наидуваат студентите за време на нивното студирање и поуспешна подготовка на колоквиуми, испити и други видови академски задачи во текот на нивните студии – вели Баракоска.

Претставниците од Секторите за образование од локалните самоуправи и професорите од средните училишта ја нагласуваат потребата од соработка, која треба да резултира со изработка на соодветни образовни модели преку кои ќе се пренесуваат информации, но истовремено ќе се овозможи континуирано следење на учениците и студентите од ранливите категории. Целта на овие образовни модели би била во функција на поддршка на оваа категорија на ученици и студенти во социјална, економска и образовна смисла. Испитаниците предложуваат да се креираат и посебни образовни софтвери за оваа категорија на ученици/студенти, пришто би се вклучиле ресорните министерства, односно Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Тие ја нагласуваат и неопходноста од воведување на туторски модел на работа со учениците во средните училишта и ваквиот модел на туторство да продолжи и во високото образование. За таа цел потребно е да постои поголема координација и субординација со локалните самоуправи, како и со ресорните министерства.

– Резултатите од истражувањето иницираат корисна база која би можела значително да го унапреди квалитетот во работата и поддршката на студентите од ранливите категории во високото образование на УКИМ. Придобивките од овој проект се согледуваат и во потребата за поттикнување ваков вид на научно истражување да се спроведе на сите единици од Универзитетот и синхронизирано да се работи на создавање на образовни модели за работа и поддршка на студентите од ранливите категории. Ваков вид на истражување потребно е да се спроведе на сите единици на УКИМ, со што ќе се предложи и воведе конзистентна методологија изразена во посебни образовни модели преку развивање на модел за туторска работа со студентите – вели Ризова.

Податоците од истражувањето ќе послужат за изработка на соодветен модел за професионално усовршување на туторите и високообразовниот кадар на УКИМ во областа на образовната дејност, во насока на стандардизирање на моделите и унапредување на компетенциите на студентите од ранливите категории и на вработените кадри.

Сподели