Теута Ајдини-Јегени: Не престанувајте да сонувате!

Таа ја толкува главната улога во филмот „Вера сонува за морето“, првиот долгометражен филм на Калтрина Красниќи кој задутре ќе има светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција

„Живеам во мала чудесна земја, каде невозможното станува возможно. Каде далечината е блиску, каде желбата станува реалност, каде сонот станува јаве. Не престанувајте да сонувате! Мене ми се оствари желбата да бидам дел од одлично сценарио, а и да стапнам на црвениот тепих“ изјави актерката Теута Ајдини-Јегени на денешната прес-конференција. Таа ја толкува главната улога во филмот „Вера сонува за морето“, првиот долгометражен филм на Калтрина Красниќи кој задутре ќе има светска премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција. Филмот е копродукција на Косово, Албанија и Македонија, со поддршка од нашата Агенција за филм и ќе има вкупно 9 проекции во рамките на фестивалските денови.

ОГНЕН АНТОВ, ПРОДУЦЕНТ: ВЕДНАШ НАМИРИСАВ НЕШТО ПОСЕБНО ВО СЦЕНАРИОТО НА „ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕ“

Ова е приказна за Вера, преведувач на знаковен јазик која по самоубиството на сопругот, реномирниот судија Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив. Главната улога е на Вера кој ја толкува Ајдини-Јегени, а играат и Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и други. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематограф е Севдије Кастрати, монтажер на филмот е Владимир Павловски, снимател на звук е Игор Поповски, композитор е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е „Дрим фектори“, односно Огнен Антов.

Филмот е влезен во официјалната селекција на 78. издание на Фестивалот во Венеција во категоријата „Хоризонти“ и третира тема која всушност е една од носечките елементи на овогодинешното издание на фестивалот.

– Во 2010 успеавме да го донесеме „Срцето на Сараево“, во 2019 награда на на ИФФ Торонто и Санденс, се надевам дека оваа година ќе успееме да го донесеме „Лавот“ од Венеција“ – изјави Антов.

Според Бојан Лазаревски, директор на Агенција за филм, со учеството на фестивалот во Венеција на некој начин ја заокружуваме филмската фестивалска година, која и во вакви турбулентни времиња ќе важи за многу успешна.

– Новиот филмски бран продолжува, а го обележуваат дебитанти, млади автори и што ми е особено драго – сѐ повеќе женски автори. Драго ми е што Агенцијата за филм го препозна овој ко-продукциски проект, прв долгометражен филм на режисерката Калтрина Красниќи со кој се надевам сите ќе се гордееме – изјави Лазаревски.

Фестивалот во Венеција се одржува од 1 до 11 септември.

Сподели