Полнет зајак, свинска плешка, вино од рози – рецепти за луксузни јадења на старите Римјани

Начини за готвење на полжави, тартуфи, секакви видови риби и морски полодови, сосови за фламинго, пудинзи и слатки…

„Свари ја свинската плешка со две либри (648 грама) јачмен и 25 смокви. Кога ќе се свари, издвој го месото, стопи ја маста со врела лопатка и прелиј ја со мед, или уште подобро, прелиј ја со мед кога ќе ја ставиш во фурна. Кога ќе се зацрвени, стави во тенџере вино од полусуво грозје, бибер, снопче седефче, чисто вино и измешај. Кога ќе биде хомогено, половина од сосот со бибер прелиј го врз плешката, а со другиот дел натопи скршени парчиња од лепчиња, замесени со гроздова каша. Кога ќе впијат, остатокот прелиј го врз шунката“.

Ова е само едно од луксузните јадења на богатите и влијатени Римјани во антиката. Рецепти за јарешки или јагнешки шницли, сосови за козјо месо, како се подготвува дива свиња, начини за готвење на полжави, тартуфи, секави видови риби и морски полодови, сосови за фламинго, пудинзи и слатки и стотици други рецепти за храна за која и многумина не слушнале. Се разбира, сите Римјани не се хранеле вака. Просечните семејства немале многу разновидни јадења. Обично јаделе три пати на ден, а вечерата била главно јадење. Главна состојка биле житарките од кои се приготвувала каша и леб, а тие биле речиси единствените што можеле да си ги дозволат посиромашните.

Збирката рецепти се наоѓа во книгата „За кулинарската вештина“ од 4 век. Се претпоставува дека автор на рецептите е Апикиј, готвачот на императорот Тибериј. Пред повеќе години книгата излезе и на македонски јазик, издание на „ВиГ Зеница“. Преводот од оригиналот на латински јазик е на Марија Станковска-Ѕамали, доктор на науки по историја и цивилизација на античкиот свет, која докторирала на „Сорбона“ во Париз.

Во изданието се застапени десетте Апикиеви книги: Искусен готвач, Месар, Градинар, Разновидни јадења, Мешунки, Живина, Луксузни јадења, Четириношци, Морски плодови и Рибар. Има интересни податоци како старите Римјани ја одржувале свежата и зготвената храна да трае подолго, со оглед на тоа што во тоа време немало фрижидери и тоа било прилично комплицирано. На крајот се напишани коментари и обајснувања за најзастапените состојки и како (ако е можно) да се подготват, и листа на најкористените билки, овошје и зеленчук со нивните латински називи и преводи на македонски. Има и листа на мерни единици кои се користеле во тоа време, пренесени во мерните единици кои ги користиме денес.

Шунка

Откако ќе ја свариш шунката со многу смокви и со три листа ловор, отстрани ја кожата, па со нож засечи коцкички и наполни ги со мед. Потоа, обложи ја со тесто замесено од брашно и масло и така направи ѝ нова кожа. Кога тестото ќе биде печено, извади ја од фурната и служи ја така.

Полнет зајак

Исчисти го зајакот и спастри го „во коцка“. Стави во аван бибер, оригано, натопи го со гарум (рибин сос кој бил многу ценет кај Римјаните) додај варени пилешки џигери, варен мозок, мелено месо, три живи јајца и разреди го со гарум. Завиткај го зајакот во марамица и со хартија и прицврсти го со раженче. Запечи го на тивок оган. Стави повторно во аван бибер, селен, истолчи ги, натопи ги со гарум, разреди со вино и гарум. Стави го сосот да врие. Кога ќе проврие, соедини со скроб и прелиј го врз испечениот зајак. Нароси со бибер и служи.

Вино од рози и вино од синолички

На ленен конец нанижи рози на кои претходно бил отстранет белиот дел, потопи колку што можеш поголемо количество од виното и остави ги да отстојат седум дена. По седум дена, тргни ги розите и на ист начин стави свежи, исто така нанижани кои ќе стојат седум дена и потоа тргни ги. Повтори го истото и трет пат, тргни ги розите и процеди го виното. Пред да се напиеш, додади му мед за да добиеш вино од рози. Води сметка да користиш само најдобри рози кои не се зафатени од роса. На истиот начин ќе направиш виолетово вино од синолички и на ист начин ќе го измешаш со мед.

Извор на фотографии: Youtube

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели