Ниеден театар во светот не може да постои ако нема домашна драма. Ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни, но сопствениот идентитет започнува од домашниот автор – посочи Стојаноска, која беше модератор на трибината.
Повеќе од потребно е да се зборува за домашните автори на нашите сцени. Апелирам до сите театри да обрнуваа поголемо внимание на домашниот автор. Треба повеќе да ги читаме. Низ годините Македонскиот народен театар има распишувано неколку конкурси и таа иницијатива треба да продолжи и истите да се поставуваат – истакна театрологот Ана Стојаноска вчера за време на трибината „Македонскиот автор во драмите во МНТ“, што беше организирана по повод 3 април, денот на МНТ. На тој ден во 1945 година, била прв пат изведена претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.
– МНТ ја имал привилегијата да има голем број македонски автори, а некои од нив ја почнале кариерата. Секоја година се случувало на репертоарот да има по еден, два и по три автори поставен, затоа што нема национален театар без национална драма. Ниеден театар во светот не може да постои ако нема домашна драма. Ние можеме да ги рециклираме туѓите приказни, но сопствениот идентитет започнува од домашниот автор – посочи Стојаноска, која беше модератор на трибината.

„Буре барут“
Најигран македонски автор во историјата на овој театар е Коле Чашуле со 10 драми, седум биле поставени во МНТ, на второ место е Дејан Дуковски со 9 засега. Бранко Ставрев изрежирал најмногу претстави според домашни автори.
На трибината учествуваа: Русомир Богдановски, според чии текстови се создадени три претстави, Јордан Плевнеш, исто така, Дејан Дуковски и Сашо Димоски, кому му се поставени два текста. Со по три свои текста се поставени и Блаже Миневски и Сашко Насев.
Проф. Богдановски се потсети на својот драмски текст „Фарса за храбриот Науме“, за кој на конкурс ја освои третата и единствена награда. Тој текст прво е поставен во МНТ, а потоа објавен на српски во Нови Сад.
– Втора година на факултет. Втор драмски текст мој. Во исто време работевме „Со голтарите“ и Милчин го зеде текстот и реши да го работи. И тој вклучи дел од актерите од претставата „Голтарите“. Кирил Андоновски играше во претставата. Тој беше неверојатно војниче фалбаџиско, неверојатно физички спремен за таа улога, еден од физички најспремните актери. Знам дека од наградата ја купив мојата втора машина за пишување и од неа направив компјутер и можев да пишувам и на македонски и на српски јазик – вели Богдановски.

Сцена од „Изгубени Германци“
Сите драмски текстови на Дуковски прво се играни на сцената на МНТ. „Буре барут“ беше првиот, кој донесе цела една генерација на актери од ФДУ што ја освои сцената.
– Текстот не постои сам за себе, тој е дел од театарот. Тој е производ, останува како лична карта, дух на времето, оти претставата се игра сега и овде и ако престане да игра, толку е. Текстот е тој што сведочи за таа претстава. Преку нив знаеме за времето во кое се играле и фатиле некаков дух. „Буре барут“ почна како некаква енергија што ја имавме и ја носевме и траеше со години. Со таа екипа и глумци и денес работиме овде. Во суштина драмскиот текст е идентитетот на театарот и тоа не е дадена еднаш засекогаш. Тоа носи и естетски белези и морално-социјални пораки. „Изгубени Германци“ беше на конкурс, многу различен од „Буре“, си дадов еден експеримент, динамиката е внатрешна, нема акција. Текстот има контекст и карактери. Меѓутоа, тој текст го работевме со Унковски и ми е жал што таа претстава не играше доволно долго и настана во време кога театарот се селеше, ама не успеа да го фати габаритот – се пожали Дуковски.
Со претставата „Мацедонише цуштенде“ во режија на Љубиша Георгиевски во 1984 година започнала духовната и творечка врска на Јордан Плевнеш со МНТ. Тој се наврати на средношколските денови, кога со неколкумина свои другари доаѓале во Скопје за да гледаат претстави.
– Јас сакав да го истражувам мигот на македонското дефинирање во европската историја и во архивите во Виена и ја открив преписката меѓу Хитлер и Богдан Филев премиер на Бугарија. Хитлер рекол – кога ќе дојде фашизмот на власт, нема да се дозволи да владеат македонски состојби. Таа пиеса беше играна и во други републики од Југославија.
Интересно е и што и самите режисери Владимир Милчин, Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски ги предизвикувале авторите, посочи Стојаноска.

Сцена од „Алма Малер“
Два текста на Сашо Димоски досега се поставени во МНТ – „Алма Малер“ и „Госпоѓиците од Авињон“.
– Мојата постапка е малку поинаква, предмет на интерес кон драмскиот текст ми се невидливите страни на приказни што веќе постојат. Не мислам на рециклирање, туку на откривање нова семантика. Таков беше случајот и со „Алма Малер“, адаптација на мојот истоимен роман во 2015 година. Следната година истиот текст беше во режија на Васил Зафирчев.
– Овој простор го доживувам како лабораторија. Две соработки со две екипи, од хартија да биде ставено на сцена. Многу се важни овие конкурси, оти на таков конкурс беше откриен „Госпоѓиците од Авињон“, а наредната година стана балет. Одговорноста е многу голема за автор кога се поставува текст на сцена.
За Дуковски многу е важна комуникацијата помеѓу режисерот и авторот. Деновиве во Нови Сад започнуваат нова претстава со Александар Поповски, а имал одлични соработки со Унковски, Сашо Миленковски и др.
– Интересна е фазата кога го креирам текстот, кога знам нешто за кастингот и кога знам кој ќе игра, драмскиот автор не пишува само за зборовите и за себе, тие треба некој да ги игра. Моите текстоив до премиера ги држам отворени и актерите ги допишуваат. Не е текстот нешто независно од театарот, тој е дел од театарот и таа соработка ми била многу важна – дециден е Дуковски.
Поддршката на драмските текстови треба да биде од сите страни од областите од културата, истакна Стојаноска. Богдановски тоа го поткрепи со примерот на поставување на „Чорбаџи Теодос“, во договор со Васил Иљоски, да се направи ТВ снимка, а Тодор Николовски и Петре Прличко беа режисери.
– Јас бев професор до крајот на мојот работен век од крајот на 2012-та од 1987 година. Академијата успеа да создаде генерации на автори. Секој од нив се реализирал како што можел и сметал, подоцна успеавме да иницираме да се вработат драматурзите во театрите. Дури и кога праќавме драматурзи во театрите да работат испитни претстави не беа кој знае како добро пречекувани. Не мислам дека драмски автор нужно се станува на ФДУ. Знаеме дека имало добри драматурзи, Богомил Ѓузел, или Бранко Варошлија кои немале такво образование, а беа одлични драмски автори. Не мислам дека драмскиот автор ќе го најдеме само на академиите, тој е насекаде и од разни места и интереси – вели Богдановски
Тој го отвори прашањето – кому треба авторите да ги даваат своите текстови.
– Театрите немаат систем, ни концепт ни план како да привлечат и како да создадат драмски автори. Ова го говорам генерално за сите театри. Тоа може да се поправи и да се создаде само на еден начин, a тоа е да ја имаат потполната слобода за креирање на својата политика, а не според тоа што ќе предложат режисерите. А секој театар да има слобода и одговорност да го создава својот репертоар. Нема потреба од никакви комисии, театрите треба да располагаат со парите и така ќе бидат различни едни од други, оти ќе ги одредуваат своите приоритети – истакна Богдановски.
Димоски истакна дека во Велес гаат убав пристап кон македонските автори и дека секоја година поставуваат најмалку еден домашен текст. Годинава ќе го работат текстот „Лепа Ангелина“ на Благоја Ристески-Платнар. Имаме традиција и однос на домашниот автор и сметам дека драматурзите мора да бидат активно вклучени во креирањето на репертоарната политика. Поинтензивно да се бавиме со домашната драма, но и да поставуваме бисерни текстови на кои ќе им се дава нов контекст.





