Музичките состави Taxi Consilium и Galactic Effendi ќе одржат концерт утревечер со почеток во 21.30 часот во „Котур – кафе и филм“ во Скопје. Во Taxi Consilium ќе настапи: Благојче Томевски, бас кларинет, Филип Букршлиев, гитара, Андреа Мирческа, контрабас и Драган Теодосиев, тапани. Taxi Consilium e спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Строг Пост, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers, Пијан Славеј, Дина Јашари и другари, Зарина Првасевда…) поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни, се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ – велат од „Котур“.
Во Galactic Effendi ќе настапат: Нинослав Спировски, тенор и сопран саксофон, Филип Букршлиев, гитара, Дориан Јовановиќ, бас и Дарио Циевски, тапани.
– Од момците што ви ги донесоа Taxi Consilium, String Forces, Светлост, Vagina Corporation, Dobrila & Dorian, Fighting Windmills, Chalgia Sound System и Строг Пост – сега следува нешто помалку, ама и значително повеќе, чудно. Замислете го Sun Ra како ситен бирократ: патетично службениче што залутало на погрешна планета, издава космички фермани и потајно срка ракија од фиока. Замислете ги огнените пророштва на Albert Ayler транскрибирани, редуцирани и преџвакани, за на крај да можат уредно да се впишат во квадратчињата на црвената ПП30 уплатница. Саксофонски виежи што, како чад од цигара во безтежинска состојба, бушат чудни вектори низ потсвеста; гитари што мелат како стар индустриски погон што по грешка научил ориентална скала и ритам-секција што тропа и ’ржи како печати заглавени во фиока на Министерството за Меѓугалактички Прашања. Резултатот е истовремено сомнителен и мошне сомнителен — токму како што треба, велат од „Котур“.





