Гробот од Таранеш, Дебарско на голема археолошка изложба во Будимпешта

Ќе бидат претставени различни артефакти – накит, предмети од секојдневниот живот, единствено дијатретата нема да биде дел од оваа изложба, вели археологот Радомир Ивановиќ

Артефакти од богатиот гроб пронајден во Таранеш, Дебарско на 22 јануари во 15.30 часот ќе бидат изложени во Националниот музеј на Унгарија, во Будимпешта. Поставката е во рамките на поголемата изложба Attila. Horizons of Memory која ќе биде отворена за публиката од 23 јануари до 31 јули. На изложбата ќе бидат претставени повеќе европски музеи со делови од нивните доцноантички збирки.

– Огромна е честа што и ние добивме покана да бидеме дел од изложба од овој карактер – вели м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј во Скопје.

Ќе бидат претставени различни артефакти – накит, предмети од секојдневниот живот. Од богатиот инвентар што бил пронајден во доцноантичкиот гроб од Таранеш, село Селокуќи, Дебарско, единствено дијатретата нема да биде дел од оваа изложба.
– Причината е едноставна, се работи за многу кршлива чаша и не сакаме да ризикуваме да биде оштетена – вели Ивановиќ.

Дијатрета – римска луксузна стаклена чаша од 4 век

Дијатрета е римска луксузна стаклена чаша од 4 век. Таа е исклучително редок експонат, а во светот се пронајдени само десетина добро сочувани. Во Македонија ја пронашол археологот Милан Ивановски во 1982 година во доцноримски гроб на локалитетот Таранеш. Денес, таа се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје.

– Нашата дијатрета е единствениот примерок од Македонија, а и на светско ниво тие се доста ретки. Чашата ја сочинуваат ѕвонест пехар од белузлаво провидно стакло, мрежест дел од малахитно зелено стакло, крагна во форма на пелест орнамент од кафеаво умбра стакло и букви од малахитно зелено стакло. Како основа на чашата служи шестлистна розета. Дијатретата од Таранеш припаѓа на т.н. келнски тип, и се издвојува по својата богата декорација и изработка.

Украсна игла – фибула

Има една интересна анегдота е поврзана со неа. Кога била откриена им била покажана на тогашните вработени од „Стакларница“ кои изјавиле дека во тоа време не можело да се изработи таков предмет – вели Ивановиќ.

Од ретките, добро сочувани дијатрети во светот е и нашиот експонат. Археолозите сметаат дека постојат два вида на чаши дијатрета, со фигурален украс и со мрежест дел. Дијатретата од Таранеш е келнски тип, најбогато декорирана. Овој тип на чаши се луксузни производи кои најверојатно служеле за свечено церемонијално пиење бидејќи ги поседувале само припадниците на повисоките општествени слоеви и истите се изработувале по нарачка. Во горниот дел на чашите има натпис (BIBE VIVAS MULTIS ANNIS) кој отпилика порачува: „Ако пиеш, ќе живееш долго и среќно.“

Чинија

Изложбата во Будимпешта ќе биде отворена шест месеци. Според Ивановиќ, претставувањата на изложби во странство се исклучително важни за македонската археологија и културното наследство од повеќе причини. Тие овозможуваат македонското културно наследство да биде видено од широка меѓународна публика, истражувачи и експерти, што ја зголемува неговата препознатливост и углед на светската сцена.

– Изложбите отвораат можности за научна соработка со странски институции, универзитети и археолози, што може да доведе до нови истражувања, размена на знаење и заеднички проекти. Посетителите на изложбите се едуцираат за богатата историја и култура на Македонија, што придонесува за подигнување на свеста за важноста на зачувувањето на културното наследство. Успешните изложби можат да го стимулираат културниот туризам кон Македонија, бидејќи посетителите кои ќе бидат импресионирани од изложените артефакти можеби ќе посакаат да ја посетат земјата и да ги видат археолошките локалитети и музеи. Меѓународното признание на културното наследство честопати води до подобри механизми за негова заштита и подигнување на свеста за неговата вредност, како на локално така и на глобално ниво. Изложбите се моќна алатка за културна дипломатија, промовирајќи разбирање и дијалог меѓу народите и културите. Со претставувањето на своите археолошки богатства во странство, Македонија не само што ја покажува својата единствена историја, туку и активно учествува во глобалната културна размена – вели тој.

Прибор

Сподели