Татко ми, Кирил Македонски, да ни биде пример како се работи и на јаве и на сон за високите цели

Човекот што не доживеал 60 години зад себе остави огромно творештво, голем дел непознато и необјавено. Во годината кога Македонија одбележува сто години од раѓањето на Кирил Македонски, неговото семејство подари голем дел од неговиот легат

Либретото за операта „Цар Самуил“ композиторот Кирил Македонски ја напишал во битолската кафеана „Македонија“, а музиката во кафеаната „Солун“. Не користел никаков инструмент. Во такви услови работел и компонирал. Две години, секој ден поминувал по шест часа за да го напише делото. Веста во 1964 година ја пренел и белградскиот „Политика експрес“ со наслов „Цар Самуил од кафана“.

Семејството Македонски – Донка, Пламенка и Кирил (Приватна семејна архива)

Кирил Македонски многу го ценел времето. И своето и туѓото. Човекот што не доживеал 60 години зад себе остави огромно творештво, голем дел непознато и необјавено. Во годината кога Македонија одбележува сто години од раѓањето на Кирил Македонски, неговото семејство подари голем дел од неговиот легат на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во неговата родна Битола. Ќерката на големиот композитор, Пламенка Македонска вели дека долго размислувала кому и каде да го предаде материјалот.

Пламенка Македонска (во средина) / Фото: Завод и музеј во Битола

– Заводот и музеј во Битола е институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство. Имам голема доверба дека достојно ќе го презентира и сочува неговиот лик и дело. Веќе доставениот материјал континуирано го дополнуваме и ќе продолжиме согласно новонајдените документи кои ги имаме во нашиот дом.

Раскажете ни за Вашиот татко, за неговиот приватен живот. Каков беше од онаа, непрофесионална страна? Каков човек беше, во што уживаше, што го нервираше?

– Во приватниот живот, татко ми беше посветен на семејството. Јас бев единствено дете и времето поминато со татко ми за мене беше секогаш забавно. Беше креативен и од парче хартија, неколку парчиња домино или карти, создаваше игри, ги менуваше и приспособуваше на мојата возраст и вештини. Како педагог знаеше дека децата се како огледало, учат од тоа што го гледаат, а не тоа што им се кажува. Најмногу ме подучуваше со личен пример. Во неговите белешки, како важни фактори за развој на децата се наведени позитивната сугестија, позитивното барање и примерот на возрасните како најважен.

Татко ми многу го нервираше непочитување на времето и ме учеше да си го ценам времето. Тој многу го почитуваше туѓото време и очекуваше да го почитуваат и неговото. Бесцелното поминување на времето, изгубеното време го сметаше за изгубена можност. Не можеше да замисли да помине ден, а да не напише некоја нота или збор. Ако се случеше таков „пропуст“ имаше чувство дека „му пропаднал денот“. Дури и на годишен одмор носеше со себе мала работна маса, машина за пишување и нотна хартија.

Кирил и Пламенка Македонски (Приватна семејна архива)

Како педагог кој поучувал повеќе генерации ученици и студенти, умееше и со најмалите да одржи креативен час. Се сеќавам, еднаш одржа креативен час во основно училиште, на кој децата сами напишале песна, музика и текст. На крајот на часот заедно ја пееле и заиграле и оро. Него особено го радуваше да го гледа задоволството на детските лица. За жал, не доживеа да ги види неговите внуци, мојот син Кирил и ќерката Катерина.

Татко ми покажуваше љубопитство за нови и неистражени области. Во нашиот дом имаме богата библиотека со книги од различни области, како и бројни енциклопедиски изданија и лексикони. Сметаше дека користењето на литературата е важно за развојот на критичкото мислење и креативниот пристап. Ми велеше: „Наученото е корисно, ако има практична примена, да е корисно за тебе и за другите“. Самиот тоа го правеше со креативен пристап, со разгледување на проблемот на нов начин, во необично светло, од различна перспектива и поврзување на неочекуван начин, за да дојде до корисни и применливи идеи и алатки.

Фото: Завод и музеј во Битола

Јас му асистирав на музикотераписките сеанси во Центарот за слух, говор и глас во Скопје, а со големо задоволство го придружував на конгреси од областа на музикотерапијата во Париз и во Загреб, на кои тој учествуваше со свои трудови, како и на едномесечниот студиски престој во Институт за музикотерапија во Берлин.

За неполни 60 години живеел и создал творештво како за три животи. Сепак, главното време во кое создавал, по Втората светска војна било во тешки услови. Во какви услови работел? Неговото творештво и одредени постапки укажуваат дека бил голем патриот…

– Негова неостварена желба беше да има свој соодветен работен простор, во кој непречено ќе твори. Инспириран и силно мотивиран да ја изнесе вистината за значајни настани од македонската историја, создал голем број национални дела. Многубројните дела што ни ги остави, се резултат на работа и посветеност. Развиената имагинација го креваше од сон, да запише некоја мелодија или текст. До креветот секогаш имаше хартија, молив и пенкало. Откако ќе запишеше, продолжуваше да спие. Последниот запис кој го пронајдов датира од ноември 1983, неколку месеци пред да почине. На записот стои „на сон 4.30 часот“, а музичката мисла и зборовите се за „мајка Македонија“.

Пламенка Македонска и архитектиот Зоран Николовски кој ја уредува спомен-собата / Фото: Завод и музеј во Битола

Во какви услови творел може да се има увид од неговите белешки за историјата на операта Цар Самуил во кои наведува: „Основна идеја ми е да се покаже трагедијата на Самуил и да се изнесе вистината за еден значаен настан од македонската историја… Во 1962 година напишав либрето за операта ,Цар Самуил‘. Го напишав во кафеаната на хотел ,Македонија‘, бидејќи немав услови за работа, во битолската кафеана која беше мирна и можев во еден агол да работам“. Во написот објавен во ,Политика експрес‘, Белград 21.10.1964 година насловен ,Цар Самуил од кафана‘, потврдува дека либретото го напишал во битолската кафеана ,Македонија‘, а музиката во кафеаната ,Солун‘, без никаков музички инструмент. Му биле потребни две години седење на маса и пиење кафе, секој ден претпладне и после ручек, вкупно шест часа, седел таму и компонирал.

Фото: Завод и музеј во Битола

Татко ми може да ни биде пример, како се остваруваат високи цели – посветено, со истрајна работа и на јаве и во сон, до последниот здив. Според кажувањата на негови пријатели, во неговата студентска соба во Загреб, над креветот пишувало, парафразирам: „Мојата мисија е да придонесам за развојот на македонската музичка култура“. Во текот на неговото педесетидеветгодишно постоење, ја исполни. Ни остави бројни дела, траен печат и значително придонесе во развојот на македонската музичка култура. Особена чест ми е што на партитурата на балетот „Дафина“ („Македонска чест“) своерачно напиша: „Ова дело го посветувам на мојата ќерка Пламенка Македонска“. Искрено се надевам дека по повеќе од половина век од неговото настанување, ова дело, како и многу други неизведени дела ќе го видат светлото на денот.

Ирена Ружин, Пламенка Македонска и Маја Митровска (од лево кон десно) / Фото: Завод и музеј во Битола

Што сè оставате како легат на Заводот и музеј од Битола?

– Во Завод и музеј Битола, во голем дел на трајно користење, а дел на привремено користење, се повеќе од 500 книги од семејната библиотека, 30 регистратори со ретки документи, семејни фотоалбуми, делови од партитури, опери, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи, неговата машина за пишување, радио, инструменти за музикотерапија, многу необјавени дела и друго. Во моментов материјалот стручно се обработува и наскоро ќе биде достапен за јавноста.

Фото: Завод и музеј во Битола

Како државата се грижи за своите дејци и основоположници? И колку овој Ваш чекор очекувате да биде поттик за изучување на делото и чувањето на споменот на Кирил Македонски?

– За мене ова не се само документи, туку огледало во кое се огледува име, признание и дел од историјата. Колективната зрелост директно влијае на односот кон дејците и основоположниците. Со овој значаен проект, спомен-собата на Кирил Македонски, покажуваме и ќе докажеме дека некои лекции се веќе научени и можеме да ги уживаме плодовите од сработеното. Искрено се надевам дека материјалите што ќе бидат јавно достапни ќе им бидат предизвик, но и дадена можност, особено на младите истражувачи, да се градат како личности и самите да придонесат во збогатување на македонското културно наследство.

Сподели