Студентската и академска јавност доби нов број од двојазичниот студентски магазин „УКЛО КОЛОРС“. Во име на редакцијата, професорката од Педагошкиот факултет, Силвана Нешковска го претстави новиот број на списанието, во чие создавање во секој чекор учествуваат студенти од сите три циклуси и од сите единици на УКЛО. Списанието е креативно студентско дело видливо и надвор од нашата земја, истакна Нешковска.

За студентската вклученост во УКЛО гласилото што е своевидна трансферзала на соработка со нивни колеги од Aлијансата, под името Students of COLOURS, говореа Ева Нешковска и Елена Шалевска, студентки од Педагошкиот факултет – Битола.
Во рамките на промоцијата беше најавено и формирањето на Студентски новинарски клуб, со поддршка на Македонско-американската алумни асоцијација. Новинарскиот клуб ќе нуди простор за развивање на талентираноста на студентите и нивно пошироко вклучување во заедницата преку воннаставни содржини.

Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски нагласувајќи ја позитивната соработка на УКЛО со МААА, ја потенцира поддршката што УКЛО ја добива од нивни алумни кои се исклучителни по своите знаења кои се корисни за студентите. Тој ја потврди подготвеноста на Универзитетот со максимална отвореност при заеднички активности.
За соработката меѓу УКЛО и МААА, говореше и проф. д-р Зорица Трајковска Стрезовска, претседателка на Асоцијацијата, при што истакна дека таа е прекрасна, формално е потврдена со меморандум за соработка и овозможува унапредување на волонтерска и воннаставна работа. Таа посебно го акцентира примерот на УКЛО, којшто, според неа, треба да го следат и другите македонски универзитети – со посебен правилник да се вреднува студентскиот активизам.

Академскиот раководител на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, со посебна радост се осврна кон реалното и ефиксано поврзување на УКЛО со МААА , како еден од начините на којшто функционира Алијансата КОЛОРС, чиј рамноправен партнер е УКЛО. Таа претстави дел од бројните активности со кои УКЛО обезбедува колоритност преку Алијансата КОЛОРС, како модалитет за општествено растење благодарение на екосистемот на соработници на УКЛО.
Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска Талевска во повеќе наврати како модератор на настанот ги сподели добрите искуства и успешни приказни произлезени од соработката со МААА и дополнително збогатени со вклученоста на УКЛО во КОЛОРС Алијансата.

Алумнистка од МААА, новинарката Емилија Мисирлиевски го сподели личното искуство и новинарски совети за студентите на УКЛО како потенцијални членови на Студентскиот новинарски клуб. Ги поттикна да бидат со отворен ум во потрагата по животни теми од нивното секојдневие кои се секогаш и актуелни и арактивни. Студентскиот КОЛОРС-магазин го оцени како своевиден бисер со којшто се унапредува транспарентноста на УКЛО.
Претставникот од американската амбасада, Газменд Иљази ги промовираше актуелните образовни програми за размена, по што настанот е заокружен со претставување на друштвено – едукативната и еколошка игра УКЛО ЕКО-УКЛО ВЕЛО, проект во рамки на Клубот за одржливо живеење, сместен во СИЦ, опиплив продукт од успешната соработка на УКЛО со МААА.





