Јаневска најави крај на бессоните ноќи на наставниците и маките со електронскиот дневник

Новиот софтверскиот систем е финансиран со пари од ИПА фондовите на Европската Унија 

Нов електронски дневник е дел од информацискиот систем за управување со образованието, што денеска денеска го промовираше министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Софтверскиот систем е финансиран со пари од ИПА фондовите на Европската Унија. Јаневска се заблагодари за поддршката од ЕУ и очекува новиот систем да биде ефикасен зашто оваа база на податоци и ќе ги спои двата досегашни најголеми системи за административна работа на училиштата.

– Ќе воспостави и добри контролни механизми, зголемена употреба, подобрена интеграција и генерално користење на нова технологија. Особено електронскиот дневник, како најмногу користена алатка за водење на педагошка евиденција од страна на наставниците, родителите и старателите на учениците. Ќе посочам банален пример – очекуваме наставниците повеќе да не седат будни доцна во ноќта кога интернет сообраќајот и платформата не се оптоварени, за да внесуваат оценки, изостаноци и така натаму – рече Јаневска.

Таа веќе погледнала како функционира новиот електронски дневник. Без разлика на нејзините сугестии за надградба што ќе следуваат заедно со најавените промени во образованието, Јаневска рече дека конечниот збор за финалното решение пред да биде имплементирано во пракса, ќе го имаат оние што најмногу ќе го користат.

– Ова ново софтверско решение ќе го примениме по успешно заокружување на сите подготвителни активности. Претстои квалитетна обука за сите засегнати и мигрирање на податоците од постојниот систем – рече Јаневска.

Сподели