Фестивалот ќе се одржи со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство, велат од СВП
Британската поетеса Керол Ен Дафи, добитничка на „Златниот венец“ на 60. издание на Струшките вечери на поезијата ќе има специјално обраќање и читање преку видео на годинашното издание на фестивалот што ќе се одржи од 26 до 30 август. Најголем дел од гостите ќе присуствуваат во живо во Струга. Ен Дафи најави дека догодина ќе дојде во Струга. Иако беше најавен како специјален гостин и минатогодишниот лауреат Амир Ор, од објективни причини го одложил своето физичко присуство за следното издание.
– Фестивалот ќе се одржи со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помал дел од странските поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот – велат од СВП.
Програмата на фестивалот ќе ги задржи препознатливите програмски содржини. Повеќе од 30 домашни и странски поети ќе учествуваат на главните фестивалски читања. Предвидени се меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.
СВП се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот. Во согласност со најновите мерки за заштита и годинава свеченото отворање и затворање ќе се одржи на покриената тераса на хотел Дрим. Во останатите денови, претпладневната програма ќе се одвива во Конгресната сала на хотелот „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Програмата на фестивалот целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на пошироката публика. Престојот на учесниците е регулиран согласно протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија. Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје-Струга- Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија.
– Во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали беа откажани или одложени заради пандемијата со ковид-19, СВП ќе го зачува континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот – велат од СВП.
Насловна фотографија: Архива на СВП





