500-то дело ќе се роди на Meѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ во Битола

Ликовни уметници од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и од Македонија ќе бидат дел од 17. издание на Меѓународната колонија „Де Ниро“ од Битола, што ќе се одржи од денеска до 27 август во Културниот центар на колонијата во с.Цапари. Активности ќе се одвиваат и на неколку локации низ градот.

Годинава, во рамките на колонијата, ликовниот уметник Мирослав Масин, голем пријател на колонијата, ќе започне со работа на мозаик, кој ќе биде прво вакво уметничко дело во неговиот богат и разновиден опус. Мозаикот ќе биде на површина од 100 метри квадратни и ќе биде поставен во рамките на Културниот центар.

– За мене како организатор е големо задоволство и истовремено огромна одговорност да се одржи оваа традиција која трае веќе 17 години. Континуитетот успеваме да го задржиме, иако веќе втора година по ред сме среде здравствена криза предизвикана од вирусот ковид-19. Годинава придружната програма на колонијата започнува со меморијалната изложба на ликовни дела од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник и прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на колонијата „Де Ниро”, кој, за жал, во 2020-та го напушти земскиот свет, но преку неговите извонредни дела ќе биде дел од Колонијата и тие ќе говорат за него – изјави Драги Филевски, организатор на колонијата.
Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и пошироко, кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата, треба да произлезе јубилејното – 500. уметничко дело.

– Годинава особено ме радува збратимувањето на Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ со Меѓународно графичко триенале Битола, реномирана манифестација со богата традиција и континуитет, основана во 1994 година, што ќе биде значајно за натамошниот раст и развој и на двете институции – изјави организаторката на колонијата, Силвана Филевска.

Во рамките на богатата и разновидна програма присутните ќе бидат реализирани и следниве настани: „Ден на уметноста“, во чест на Благоја Стефановски-Баге, еден од бардовите на македонската култура, а ќе се реализира на една посебно избрана локација – мало село Ротино, потоа изложбата на Панде Петровски од циклусот Хераклеја. На програмата ќе биде и соло перформансот на Бранислав Николов кој всушност е заеднички проект на ОХО продукција и Меѓународна ликовна колонија „Де Ниро“ и е најава на „Игнатиа фестивал“, посветен на античкиот пат Виа Игнација, кој идната 2022 година е предвидено да го има своето прво издание, а истиот во својата програма ќе вклучува музика, филм, театар, други изведувачки уметности, гастрономија итн…

Дел од офф-програмата на 17. Меѓународна ликовна колонија Де Ниро ќе бидат и музичките перформанси на Зарина Првасевда, Јасна & friends, како и КУД „Илинден“ Битола кои ќе изведат фрагмент од богатиот репертоар на градски игри.
Затворањето ќе биде симболично и во духот на истрајноста и континутитетот на оваа наша иницијатива, со отворање на изложбата азбука на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, изложба посветена на великанот Блаже Конески, кој е и А и Ш во нашето современо живеење како што милува да каже Сергеј.

– Изложбата ја нареков АЗБУКА , со цел да се разбуди јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и нашиот јазик, особено сега, кога секојдневно е оспоруван, но и поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашата современа азбука Блаже Конески, во годината кога се одбележуваат 100 години од неговото раѓање. Изложбата АЗБУКА е циклус од 31 слика – посветена на секоја буква од нашата азбука која има своја приказна, свој свет, ни изјави Сергеј Андреевски.

 

Сподели