Издавачката куќа „Стотројка“ на независното радио „Канал 103“ го објави најновото музичко издание на македонскиот продуцент и композитор Кузман, насловено Fine Wound. Ова проширено издание содржи четири инструментални композиции и е достапно на bandcamp страницата на Стотројка, како и на повеќето дигитални стриминг платоформи.
– Fine Wound е истражување на личните чувства преку музика, кое доловува уникатни аспекти на човечкото искуство. Овој саундтрак за замислен филм, музичко патување низ непознати територии помеѓу реалното и имагинарното, предизвикува копнеж и интроспекција. Комбинирајќи најразлични влијанија од современата електронска музика и филмската музика од 80-тите години на минатиот век (Вангелис, Мориконе), Кузман креира непредвидлива и современа звучна фузија – велат од „Стотројка“.
Целата музика е компонирана и продуцирана од Кузман, додека на композициите Father и Bat Taste For Evil свири италијанскиот тапанар Маурицио Антонини.
Кузман Маркоски е сестран музичар и аудио-визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Класично образуван, тој ги усовршува своите вештини како композитор, тереминист и дизајнер на звук. Ова долгоочекувано издание доаѓа две години по неговиот деби соло албум Collective Zero, на кој му претходеше работата во бендот The Protagonist и соработката со реномираниот продуцент Герет Џонс на проектот OLAL.
Со непоколеблива страст за музика и посветеност на својот занает, Кузман продолжува да истражува нови звучни пејзажи и да експериментира со иновативни музички пристапи.





