Филмот „Фејблменови“ на Стивен Спилберг ја доби наградата „Златен глобус“ за најдобар филм и најдобра режија на церемонијата која вчера се одржа во Лос Анџелес.
„Се кријам зад приказнава откога имав 17 години. Сум раскажувал делови, парцијално, но никогаш целосно. Никој не знае кои сме вистински, сè додека не станеме доволно храбри за да раскажеме кои сме“, рече тој на врачувањето на наградата.

Филмот има многу автобиографски елементи и се темели на искуствата на режисерот во детството и младоста – пропаднатиот брак на неговите родители, искуствата со антисемитски мобинг и скромните почетоци како режисер на тинејџерска возраст.
„Златен глобус“ за најдобра машка улога доби Остин Батлер за улогата во „Елвис“, а награда за најдобра женска улога освои Кејт Бланшет за глумата во „Тар“.
Филмот The Banshees of Inisherin – приказна за крајот на едно машко пријателство на оддалечен остров во Ирска освои „Златен глобус“ за најдобра комедија. Колин Фарел е прогласен за најдобар актер во комедија, а награда доби и Мартин Мекдона, сценаристот на филмот. Најдобра актерка во комедија е Мишел Јео за улогатоа во „Сè, сите, сè наеднаш“.
За најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е прогласен „Аргентина, 1985“, а најдобра телевизиска драмска серија е „Куќата на Змејот“. Наградите „Златен глобус“ ги доделува Холивудската асоцијација на странски новинари (ХФПА).
Фото: принтсктин/Јутјуб





