Стибера – македонската Помпеја која никако да стане државна

Речиси целиот град лежи под земјиште – сопственост на жителите на селото Чепигово, а државата не им нуди соодветна експропријација, вели археологот Душко Темелкоски

Нерешените имотно-правни односи ја оставаат Стибера во сенката на другите антички градови во Македонија, иако овој локалитет во науката е познат и како македонската Помпеја поради бројот на скулптури пронајдени на археолошкиот локалитет кај Прилеп. Речиси целиот град лежи под земјиште – сопственост на жителите на селото Чепигово, а државата не им нуди соодветна експропријација, вели археологот Душко Темелкоски од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Прилеп. Тој повеќе години раководи со истражувањата на локалитетот, а годинава дојдоа до фантастични откритија – дел од агората (пазариште) на античкиот град, одлично сочувана мермерна биста и две мерни маси од кои едната била специјализирана за мерење на течни продукти.

Во интервјуто за Умно.мк, Темелкоски детаљно ги објаснува годинашните откритија, но зборува и за проблемите со кои се соочува Стибера долго време.

Душко Темелкоски

Имавте исклучителна година на истражувања на археолошкиот локалитет Стибера. Што би издвоиле како најважни научни откритија?

– По две години пауза заради незаинтересираност на одредени надлежни структури, годинава конечно добивме одговор што претставувал просторот веднаш до Храмот на заштитничката на градот, божицата Тихе. Ова беше трета истражувачка кампања на тој простор по оние во 2018 и 2019 година. Се работеше 20 работни дена, што за ваков вид на истражувања се навистина малку. Но, благодарение на екипата теренци, мештани од селото Чепигово, резултатот е феноменален. За првпат во Република Македонија е откриен дел од агора – главен градски плоштад, каде се одвивало секојдневието. Тука меѓу другото се наоѓало и пазариштето.

Агората на Стибера

Градбата е со речиси квадратна основа и димензии 13,60 х 13,00 м. и била поплочена со мермерни и гранитни плочки. Во средиштето бил изграден ритуален бунар, длабок 3 м. Наодите од мермер ја потврдија функцијата на градбата. Присуството на жртвеникот – ара, посветен на богот Хермес, е сосема логично, со оглед на тоа што овој бог покрај другите свои задолженија што ги имал, бил и заштитник, патрон на трговците. Откриена е биста на жена, можеби најрепрезентативна кај нас, како и две маси. На едната, која има рамна површина, веројатно била поставена вага – терезија за мерење на количините на овошје, зеленчук, житарки и останати продукти кои се продавале на агората, додека другата маса била специјализирана за потврда на количини на течни продукти, вино, млеко и друго.

Мерната маса е исклучително интересен наод. Дали е единствен од овој тип во Македонија, како била користена во минатото?

– Оваа мерна маса е прв наод од овој тип кај нас. На територијата на огромната Римска империја, која го зафаќала целиот медитерански басен и половина Европа, откриени се релативно мал број мерни маси. Нашиот примерок е со 8 кружни вдлабувања на горната површина, секое се различен пречник и длабочина. Освен најмалото, сите останати се со отвор на дното, низ кој, откако ќе се извадел чепот истекувала течноста која се мерела. Според извршените анализи, најголемото вдлабување е за количина од 10 литри, па следуваат за 5, 3, 2, 1 литар, 700, 350 и 150 милилитри.

Мерната маса за течности

Конкретно, во античко време имало развиено метрички систем на вредности на количините на продуктите кои се продавале, односно купувале. Верификацијата на овие количини ја вршеле надлежните службени лица на агорите, агораномите. Вршењето на нелегална пазаришна трансакција било најригорозно санкционирано. Токму еден од агораномите од Стибера донирал свои лични средства да се изработи мермерната маса која ние ја пронајдовме. На челната страна има изрежано натпис на кој стои името на агораномот Ајлиј Химнос и годината на донирање, 142 година. Натпис на мерна маса исто така, е евидентиран на мерна маса откриена во Помпеја, Италија.

Предметите ги датиравте во 2 век. Во какви историски околности живее Стибера во ова време?

– Вториот век е времето на династиите Нерва – Антонини, време на релативно добра воено – политичка состојба, на општа благосостојба во империјата, т.н. pax romana. И Стибера го има својот зенит во тој 2 век. Тоа го покажуваат бројните наоди од мермер (склуптури и бисти на видни граѓани и божества) во јавните градби, кои токму во тоа време и се обновуваат.

Пронајдената биста е во одлична состојба. Кому е посветена, дали е импорт или локална изработка?

– За среќа, иако бистата на жена беше пронајдена падната со лицето кон земјата, ниту еден нејзин дел не е оштетен. Најчесто носот и ушите се откршувале при нивното паѓање, веројатно при намерно туркање од нивните постаменти при варварските налети на народите од Северна и Средна Европа, по средината на 3 и во 4 век. Бистата била поставена на постамент во ниша во еден од ѕидовите на Агората, која била орнаментирана со богата вегетабилна фреско-декорација. За жал, плочката која стоела на челната страна на постаментот не е пронајдена, па можеме само да претпоставиме чиј лик е претставен. Една од првичните претпоставки е дека бистата е претстава на Фаустина Постарата, сопруга на римскиот император Антонин Пиј, кој владеел во средината на 2 век.

Бистата на Фаустина Постарата

Таа починала релативно млада, во 140 година. Императорот не се преженил сè до својата смрт во 161 година. Напротив, својата почината сопруга ја прогласува за дива, жена воздигната во ранг на божество и во нејзина чест, на јавни места се поставувале бисти и скулптури. Можеби ова ќе звучи претенциозно и е во доменот на религиозна мистична манифестација, но тоа што бистата е најдена без никакво оштетување во дебел слој од градежни камења од урнатините на ѕидот во кој била нишата, потсетува на кажувањата на христијанските верници во денешно време за чудото на недопреност на црквите и манастирите при големи пожари. Стибера е најпозната по пронајдените мермерни скулптури, но цртите на лицето и облеката на претставената жена се толку добро обработени и мазнети, што наведува на помислата дека станува збор за импорт. Доколку навистина е тоа претстава на сопругата на императорот, можеби бистите на жената која била прогласена за дива биле наменски изработувани во некоја врвна империјална работилница.

Кога се планира конзервација на предметите и на овој дел од локалитетот?

– За конзервација на движните наоди потребна е изработка на посебни проекти, додека проектот за делумна реконструкција и конзервација на откриениот дел од агората најверојатно, според најавите, ќе биде одобрен и поддржан од Министерството за култура за идната година. Движните наоди се чуваат во депоата на археолошките збирки во прилепскиот Завод и музеј, но повеќето од нив се презентирани во постојаната археолошка изложбена поставка и просторот каде се изложени наодите од мермер, Лапидариумот, така што секој заинтересиран може да ги види.

Повеќе години нема капитални археолошки истражувања. Со колкав буџет работевте годинава и како во однос на тоа би ја искоментирале состојбата во археологијата денес?

– Во последните неколку години, веројатно заради општата намалена економска моќ на државата, и вложувањата во археологијата се намалени. Оваа година во Стибера се работеше со 300.000 денари, што не е голема сума. Но, како што наведов на почетокот, добрата организација донесе извонреден резултат.

Фрескодекорација на нишата во која била бистата

Стибера со години дава фантастични наоди, сепак, како сè уште да е во сенка на Стоби, Скупи, Хераклеја. Зошто?

– Пред сè, проблемот со Стибера се нерешените имотно-правни односи. Речиси целосно градот лежи под земјиште кое е во сопственост на жителите од соседното село Чепигово. Обидот за експропријација на земјиштето, замена на приватни со државни парцели е завршена приказна, со оглед на тоа што Законот дозволува размена во сооднос еден декар за еден. Мештаните не се задоволни со овој сооднос, сметајќи дека државата треба да биде пофлексибилна бидејќи под површината на нивните парцели се крие вредно културно богатство. Да не разбере некој погрешно, не е тоа алчност на луѓето. Работам со нив неколку години и знам зошто е таков нивниот однос. Нивниот револт е што знаат дека хектари државно земјиште се даваат на лажни концесионери од градот, кои воопшто не ни знаат каде се „нивните“ најмени парцели, но го собираат кајмакот од субвенции за воопшто непроизведени производи.

Локалитетот и околните полиња

Како е она прашањето, што би направиле да имате еден ден власт? Јас би им дал 5:1, пет државни за еден нивен декар. Па тие луѓе, навистина ќе ги обработуваат тие површини и ќе имаме сите корист од тоа, а државата ќе може да истражува. Како резиме, заради овој проблем, Стибера не може да биде заградена како Стоби, Скупи и Хераклеја, да се стават ознаки и табли, а исто така, не можат да се реализираат проекти за конзервација на откриените градби кои лежат на приватно земјиште. Само доколку државата има слух и го реши овој проблем, може да зборуваме за посветла иднина за археолошкиот бисер од антиката, Стибера.

Во која насока ќе продолжат истражувањата на Стибера?

– Претходниот одговор го дава одговорот и на ова прашање. Може само да расчистуваме и да го порамнуваме околниот простор на оние градби кои се на државно земјиште. Нови ископувања и откривања на нови објекти и вредни наоди тешко може да има во иднина, затоа што јас веќе засипав со земја три градби откако ги документирав. Нивното повторно откривање е многу лесно врз основа на направената техничка документација, но по решавање на поседот на земјиштето. Сè е друго ќе биде несериозно.

Скулптури пронајдени на Стибера: Асклепиј (лево) и император

Фото: Завод и музеј Прилеп

Сподели