Стефанија Гаштарска во насловната улога на Заспаната убавица на Балетот во Перм, Русија

Балерината Стефанија Гаштарска во петокот ја имаше својата прва главна улога на сцената на Операта и балетот во Перм, Русија. Гаштарска ја играше улогата на Аурора или Заспаната убавица. 19-годишната Стефанија Гаштарска е првата македонска балерина која доби понуда од светски познатиот театар „Бољшој“ во Москва да биде дел од нивниот ансамбл, но сепак Балетот и операта во Перм и ја понудија позицијата првенка.
Стефанија со балет се занимава од девет години, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Дафина Данилоска-Кочевска. На 15 години заминала да учи во Државното училиште во Перм, една од најстарите балетски школи за класичен балет. Образованието го продолжи на Академијата за балет на „Бољшој“ каде што во огромна конкуренција, Стефанија дипломираше со највисоки оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја која влезе во „Бољшој“.

Стефанија е бренд-амбасадор на светски познатата компанија за балетски патики, „Гришко“.

Фотографија: Perm Opera and Ballet Theatre

Сподели