Што би се случило доколку која било текстилна фабрика во светот на своите производи може да го стави логото на Armani?
Градењето на бренд во денешно време е незамисливо без заштита на трговската марка, а праксата покажува дека последиците можат да бидат катастрофални и ненадоместливи. Kако по правило, ние секогаш доцниме кога станува збор за светски трендови. Сепак, во последните години и кај нас расте интересот за заштита на трговските марки, вели Никола Димитровски, адвокат во Адвокатското друштво „Димитровски“ од Битола и овластен застапник за индустриска сопственост. Со него разговараме што значи трговска марка, каква е процедурата за заштита во Македонија, може ли некој друг правно да го заштити вашиот бренд?
Регистрација/заштита на трговска марка – тема која малкумина ја сфаќаат сериозно, а може да има огромни последици по нечија дејност. Што точно се подразбира под трговска марка?
– Ако се изразам со законската дефиниција, трговска марка претставува право од индустриска сопственост, со кое се штити трговскиот знак. Или да поедноставам, со трговската марка се штити логото на одреден субјект. Тоа можат да бидат зборови, букви, цртежи, форми, комбинација на бои, тридимензионални форми. Првата асоцијација за кој било светски бренд, од Coca Cola, па сè до Facebook, е нивниот знак, па незамисливо за светските компании е тој да не биде заштитен. Кога не би се заштитила трговската марка, слободно би се користела од сите учесници во прометот. Што би се случило доколку која било текстилна фабрика во светот на своите производи може да го стави логото на Armani, без да претрпи какви било последици поради таквата постапка?
Што сè подлежи под заштита како бренд/трговска марка?
– Заштитата се однесува на автентичниот трговски знак – лого кој го користи учесникот во прометот. Тоа вклучува буква, збор, форма, но исто тука влегува и бојата со која се испишани зборовите или која се наоѓа во позадина, нормално доколку постои. Знакот се заштитува во целост, токму онака како што се користи. На пример, кога ќе се спомене бојата магента, прва асоцијација е заштитната боја на T Mobile. Ако се појави друга телекомуникациска компанија, која би ја користела истата боја за својот бренд, тогаш T Mobile би имал целосно право да се повика на повреда на неговата трговска марка, од страна на другата компанија. При пополнување на пријавата за заштита, задолжително е да се наведат и класите, односно дејноста што ја врши пријавителот, како и услугите и производите за кои се користи пријавениот знак. Тоа е значајно, зашто доколку истата оваа магента боја ја користи на пример компанија за нудење услуги за сместување, како на пример Airbnb, што е и случај, тогаш не може да стане збор за повреда на трговската марка. Бидејќи функционираат во сосема различни индустрии, не би можело потрошувачите да се доведат во заблуда.
Каков е процесот на заштита на трговска марка во Македонија?
– Трговските марки кај нас се заштитуваат во Државниот завод за индустриска сопственост. Иницијално се пополнува образец – пријава, каде се прикачува знакот кој се штити, заедно со списокот на стоки и услуги за кои се бара заштита. Секако, потребно е да се наведат и податоци за подносителот, кој може да биде физичко или правно лице. Заводот подоцна испитува дали постојат причини за одбивање на доставената пријава и доколку истата е во ред, ја објавува во својот Гласник, а потоа се запишува во Регистарот на трговски марка. Правото на запишаната трговска марка трае десет години, но може да се обновува секои десет години, неограничен број пати. Учесникот во прометот може да заштити повеќе трговски знаци за еден производ. Многу брендови користеле различни знаци во минатото, во споредба со оние кои ги користат денес. Тоа има врска со редизајнот кој се менува од различни причини. Брендови како Nike и Adidas на пример, ги имаат заштитено знаците кои ги користеле како трговска марка, од своето постоење, па сè до денес. Употребата и на стар знак на некој бренд, од страна на неовластено лице, може да направи подеднаква забуна кај корисниците, како и употребата на знакот, односно логото, кое е актуелно.
Никола Димитровски
Во што е разликата помеѓу заштита на национално и на меѓународно ниво?
– Со претходно споменатиот начин на пријава во нашиот Завод за индустриска сопственост, трговската марка се заштитува на национално ниво, односно за користење во Македонија. Но, подносителот може преку Заводот да поднесе пријава и за меѓународна регистрација, па ако се работи за субјект чии производи се користат надвор од нашата држава, заштитата на меѓународно ниво е задолжителна.
Колкав е интересот на Македонците да ги заштитат своите брендови? Што најчесто се заштитува?
– Градењето на бренд во денешно време е незамисливо без заштита на трговската марка. За каков бренд може да зборуваме ако неговото лого, по кое е препознатлив, остане незаштитено? Kако по правило, ние секогаш доцниме кога станува збор за светски трендови. Сепак, последните години можам да истакнам дека интересот за заштита на трговските марки кај македонските учесници во прометот е значително зголемен. Не постои правило за тоа што најмногу се заштитува. Од лично искуство можам да кажам дека се заштитуваат трговски знаци на компании за превоз, градежни компании, фирми кои вршат хотелски и ресторански услуги, компании за производство на млеко и млечни производи, интернет-портали, медиуми, но исто така и логоа на трки, музички фестивали, ликовни колонии итн.
Во времето во кое живееме, при продажба на некој бизнис од една на друга компанија, не се вреднуваат само технологијата, машините, производството, туку и самиот бренд, кој што е тесно поврзан со заштитата на трговската марка. Оттука, различна е вредноста на некој бизнис, доколку се продаде само технологијата и начинот на производство на пример, од тоа дополнително да се продаде и самото име кое е препознатливо за производот на тој бизнис. Така, има разлика дали ја купувате технологијата за производство на одредено вино или го купувате и самото име, под кое тоа вино е препознатливо. Малиот знак tm, ставен во крукче, до логото на некоја компанија, значи негова заштита како трговска марка, но зборува и за сериозноста на компанијата.
Какви сè последици може да има нечиј бизнис ако брендот не му е заштитен? Може ли трето лице да го заштити како свој и со што би се соочил сопственикот во тој случај?
– Последиците можат да бидат катастрофални и ненадоместливи. Во пракса, сме биле сведоци на заштита на трговски знаци од страна на лица кои не се вистински корисници. Заводот го признава правото на првенство при објавата во неговиот Гласник, односно уписот во Регистарот на трговски марки. Или просто кажано, тој прв што ја пријавил трговската марка, тој го има правото на нејзино користење. Задача на Заводот е да провери дали има претходно регистрирана трговска марка која е иста или слична со таа која се пријавува, дали содржи симболи, знаци или обележја на некоја држава или на Македонија или нејзино културно наследство итн, но не и дали таа трговска марка е користена од некој друг субјект. Законодавецот тргнал од претпоставката дека секој што гради свој бренд, нормално е да има интерес да го заштити логото по кое тој бренд е препознатлив, па неговата незаинтересираност може подоцна многу да го чини.
Извор: Youtube
Секако постои временски период во кој вистинскиот корисник може да поднесе приговор до Заводот, со што добива шанса да докаже дека конкретната трговска марка му припаѓа нему. Од пракса сум имал случај на лице кое заштити како трговска марка знак, кој го користи еден угостителски објект, па дури креира и лажен профил на „Фејсбук“ во името на тој објект и го „уценуваше“ вистинскиот корисник, за да добие паричен надоместок. После поведена постапка по приговор на запишаната трговска марка, на крај Заводот ја одби првичната пријава и трговската марка беше регистрирана на име на оној кој вистински го користи конкретниот знак. Во меѓународни рамки има и други случаи. Па така, во Индонезија, препознатливиот знак на Ralph Lauren, човек кој игра поло, заедно со зборот POLO, се заштитени од трето лице и таквите производи легитимно се продаваат во цела држава, а станува збор за земја од 260 милиони жители.