Средната оценка на државната матура е 3.78, за 0.17 повисока од лани

Средната оценка на екстерните испити од прелиминарните резултати е 3,78 и е повисока во однос на минатата година кога изнесуваше 3,61, соопшти Државниот испитен центар. Од денес на пладне, 12 дена порано од законскиот рок, на следниот линк може да се проверат прелиминарните резултати. Истите се испратени до училиштата.
Државната матура оваа година се реализираше во согласност со договорот со средношколците, односно два екстерни, два интерни предмети и проектна задача и скратени испитни програми. Следува период на приговори, односно заклучно со 5 јули учениците може да поднесуваат приговори во училиштата. Резултатите од приговорите ДИЦ ќе ги објави на 11 јули. Увидот во тестовите лично од страна на кандидатите е на 13 јули во ДИЦ, по претходна најава и закажување термин телефонски на 12 јули.
За сите дополнителни информации матурантите може да се информираат од училишните матурски комисии во своите училишта и на www.matura.gov.mk.

Сподели