Шпанска страст и македонска срдечност на Василичарскиот концерт на НОБ

Шпанска страст и виртуозност заблеска на сцената на Националната опера и балет на двата Василичарски концерти што се одржаа на 11 и 13 јануари. Како што ја доликува оваа национална институција, единствена од таков тип кај нас, и во чест на 30 години од првиот ваков концерт, се случија концерти за паметење. Визуелно убаво спакуван со програма од светската оперска класика (Верди, Пучини, Чилеа…), концертот го водеше енергичниот диригент Оливер Диаз. Тој не штедеше пофални зборови за членовите на оркестарот и на гостопримливоста за време на деновите на подготовка на концертот.

Задоволни лица, насмеана публика, единствена емоција завладеа и за време, но и по концертот.

Оркестарот го започна концертот со увертира од операта „Набуко“ на Џузепе Верди. Солисти беа сопранот Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола. Тие донесоа шпанска страст и многу жар во изведбите. Емотивни изведби на аријата на Лиу од Пучини слушнавме и видовме од Палазон, заедно доминираа со дуетото на Виолета и Алфредо од „Травијата“, а едно од подобрите соло изведби беше аријата на Федерико од операта „Арлезијанка“ на Франческо Чилеа.

Оркестарот имаше одлична изведба и на интермецо од „Кавалерија рустикана” на Маскањи, увертирата од „Лиљакот” на Јохан Штраус.

Василичарскиот концерт на Националната опера и балет е заштитен знак на оваа институција. Три децении е настан што публиката го очекува, секогаш подготвена за ново ниво, за ново музичко возбудување. Посакувам по утрото да се познава денот и магијата на Василичарскиот концерт да ја ужива публиката и во сите наредни настани, концерти, изведби на репертоарот на Националната опера и балет.

Сподели