Беше екстремно молчалив, срамежлив и скромен. Најдобри пријатели му беа две надарени, но повлечени сродни души: Блаже Конески и Васил Иљоски
„Го паметам татко ми постојано со главата во хартијата. Беше екстремно молчалив, срамежлив и скромен, не го сакаше боемски настроеното писателско друштво. Најдобри пријатели му беа две надарени, но повлечени сродни души: Блаже Конески и Васил Иљоски“. Со овие зборови ренoмираната историчарка на уметност, Соња Абаџиева го опишува татка си, писателот Ѓорѓи Абаџиев кој се смета за основоположник на психолошкиот роман во Македонија.
Утре се навршуваат 60 години од смртта на Абаџиев. Роден е во Дојран, на 7 октомври 1910 година. Починал на 2 август 1963 година во Скопје. Неодамна неговите деца донираа 400 книги од личната библиотека на татка си на основно училиште во Дојран. Со Абаџиева разговараме за идејата за оваа донација, но и за нејзиниот татко, за наследството што го остави, за односот на државата кон основоположниците на современата македонска литература.

Соња Абаџиева (десно) со режисерката Кумјана Новакова / Фото: МСУ
– При честите посети на Дојран ми стана сосема јасно дека градот ја следи, речиси исклучиво, туристичката агенда (ако ги пренебрегнеме летните музички активности). Дојран нема Дом на културата или обичен изложбен салон за различни културни манифестации, нема театар, кино, книжарница, библиотека… Целта ми беше да се оформи дури и една мала, скромна библиотека во една соба во Општината за да биде полесно достапна до жителите на градот. За оваа идеја разговарав со тројца бивши градоначалници без никаков резултат: само со празни ветувања. Успешна ми беше последната средба со актуелниот градоначалник Анго Ангов, кој беспоговорно се согласи да мрднеме од мртвата точка. Така, во потрага по адекватен простор, Општината предложи солуција за подарување на книгите во основното училиште во Нов Дојран.
Колку книги има во колекцијата, може ли да наброите неколку позначајни изданија?
– Ако сакаме да бидеме прецизни, донацијата од 400 книги е содржана од една комплексна колекција (романи, раскази, поезија, историска литература…) во која се вградени голем дел на дела од татковата библиотека, пред сè класиците од француска, руска, македонско-југословенска провиниенција.

Тоа се дела од Зола, Жид, Балзак, Шолохов, Горки, Достоевски, Пушкин, Андриќ, Селимовиќ… како и неговите два романа Пустина и Арамиско гнездо, Раскази, Изгрев, На ножот и историската публикација Балканските војни и Македонија. Откако ја дознавме локацијата за колекцијата, дополнително со семејството се договоривме да ги подариме и изданијата од областа на детската литература.
Зошто дониравте токму во Дојран, покрај тоа што е родното место на Ѓорѓи Абаџиев, имавте ли и друга причина?
– Фактот дека градот, во кој што својот печат го оставиле големи личности како Теодосиј Синаитски, Кристофор Жефаровиќ, Ѓорѓи Абаџиев…, се претворил во културна провинција ми ја разбуди желбата да се направи нешто во име на таа респектибилна историја. Поттикната од овој факт, секако и поради тоа што моите корени од таткова страна (до пра-пра дедо ми) потекнуваат од Дојран, решивме со брат ми и сестра ми, да продолжиме на некој начин, дел од историската традиција на овој град, преку една скромна донација на книги.

Ѓорѓи Абаџиев
Подолго време се обидувавте да ја подарите колекцијата на Општина Дојран, со месеци немавте никаков одговор, никаков одзив. Како го оценувате интересот на институциите за оставнината на големите луѓе кои ги поставија темелите на македонската држава?
– Процесите на донирање книги се долги и со неизвесен крај. Нашето семејство ѝ е благодарно на Општината Дојран. Секако дека годишните перипетии околу договарањето, сега кога дефинитивно вродија со плод, сакам да ги заборавиме. Во принцип сложена е процедурата особено за донирање книги, особено денес. Среќна сум што сум донирала во МАНУ, Факултетот за ликовни уметности, Европскиот универзитет, Музејот на современа уметност и во некои други институции во нашата држава.
Ѓорѓи Абаџиев почина млад, Вие имавте дваесетина години. Како го паметите својот татко?
– Утре навршуваат 60 години од смртта на татко ми. Неколкумина врвни македонски професори ќе направат омаж на неговото литературно творештво. И така, да одговорам директно на прашањето, го паметам татко ми постојано со главата во хартијата, постојано и на работа и во Институтот за национална историја, каде извесен период беше директор. Не ни зборуваше за неговите дела или за процесот на пишување.

Соња Абаџиева со родителите
За нас децата тие се раѓаа спонтано и нормално како што се дише, зборува или пешачи. Но, секој ден не шеташе во парк или на планините во недела, нè запознаваше со растенијата, а навечер ни измислуваше приказни. Беше екстремно молчалив, срамежлив и скромен, не го сакаше боемски настроеното писателско друштво. Најдобри пријатели му беа две надарени, но повлечени сродни души: Блаже Конески и Васил Иљоски. Ги совлада сите големи планински врвови во Македонија, придружуван најчесто од новинарот Атанас Стефанов и академиците Божидар Настев и Иван Катарџиев.

Абаџиев (во средина на првиот ред, со очилата) помеѓу Васил Иљоски (лево) и Ацо Шопов (десно)
Кога почина на ден Илинден 1963 година, имав 22 години и од таа перспектива сметав дека си поживеал исполнет и богат живот, доволен за автор кој напишал толку книги, го реализирал и првото сценарио во Македонија и ја добил највисоката државна награда „11 Октомври“. Од денешен аспект, кога имам над 80 години, станав свесна, дека всушност бил на почетокот на творечкиот пат.

Ги совладал сите големи планински врвови во Македонија
Кое Ви е омилено дело од Ѓорѓи Абаџиев и зошто?
– Врвот на неговиот книжевен опус е бездруго романот „Пустина“. Темелната реторика и длабокото навлегување во карактерите на главните личности Арсо и Глигор, сметам дека го создадоа првиот психолошки роман во нашата татковина. Затоа и денес оваа творба не губи од актуелноста. Напротив, како да е пишувана за сегашната драма на земјата.

Ѓорѓи со ќерката Соња
Издавачката куќа „Арс Ламина“ почна да реобјавува големи дела од нашата литература, меѓу кои и „Арамиско гнездо“ и „Пустина“ од Абаџиев. Колку овие индивидуални обиди може да го реанимираат интересот за македонските класици меѓу кои и творештвото на Ѓорѓи Абаџиев?
– Одличен е потегот на „Арс Ламина“. Следејќи ја популарноста на нашите класици на Саемите за книга, благодарение на оваа издавачка куќа, мислам дека тие доживуваат вистинска ренесанса. Редно беше да се обнови интересот за македонската литературна ризница.

Дали некој од семејството го наследи неговиот талент за пишување?
– Ха, ха. Не знам. Сите тројца, јас, сестра ми и брат ми, како повеќе да сме го наследиле системот на работа, дисциплината, одговорноста, но и срамежливоста.
Фото: Од семејната архива на Абаџиеви





