Во Националниот археолошки музеј во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Со злато против смртта: Иконографија и семиотика на раноантичките златни погребни апликации од Македонија“ од проф. д-р Никос Чаусидис. Монографијата ги обработува погребните маски и другите златни покривки ставани врз телото на елитните покојници од Македонија во текот на 6 и 5 век пред нашата ера. Преку анализа на формата, значењето и намената на овие наоди и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, Чаусидис се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и митологијата на популациите што ги произведувале и користеле овие предмети, и особено нивните претстави за вселената, смртта и посмртната судбина на човекот.
За книгата ќе зборува д-р Перо Арџанлиев, истакнат специјалист од дадената област. Потоа, д-р Игор Ефтимовски, близок соработник на авторот и одличен познавач на темата, ќе поведе разговор со него, поврзан со најинтригантните прашања кои се загатнати во неговата книга. Настанот ќе биде проследен со изложба на реплики на златните маски и другите погребни апликации изработени од страна на Чаусидис, а наменети за илустрирање на оваа публикација.
На промоцијата, покрај претставувањето на содржината на оваа електронска монографија, ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино бесплатно преземање од веб-страницата на ЦИП.
Монографијата ја издаде Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е организирана во соработка со Националниот археолошки музеј.
Никос Чаусидис е редовен професор на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Роден е во 1959 година во Ташкент, поранешен Советски Сојуз. Дипломирал (1984), магистрирал (1992) и докторирал (2002) на Филозофскиот факултет (Институтот за историја на уметноста и археологија) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 1986 година работи на Институтот, прво како помлад асистент, а подоцна и како асистент и професор. Негови истражувачки интереси се: семиотички истражувања во археологијата и музеологијата; транспозиција на симболот, митот и религијата во визуелните и ликовните медиуми, особено во рамки на предисториските, античките и на средновековните пагански култури кај балканските и словенските популации.





