Уметниците Анамарија Митриќеска-Кал’чева и Татјана Антевска Маркоска, учествуваа на 7. Интернационален фестивал на ликовни уметности во Мароко, кој се одржа од 9 до 12 декември. Фестивалот беше организиран од Рашид Мортаки, претседател на AMAPEC – Мароканска асоцијација за ликовни уметности и културна размена и поддржан од Министерството за култура и регионот Маракеш – Сафи.

На фестивалот учествуваа професионалци, уметници, професори од: Турција, ОАЕ, Катар, Кувајт, Македонија, Индија, Бангладеш, Франција, Русија, Норвешка и Мароко.
– Работилницата за сликање ја отвори гувернерот на регионот Келаа ес-Срагна, а ние цртавме пред паркот Хасан I во Сиди Рахал. Паркот носи историска и симболична вредност, бидејќи е посветен на султанот Хасан I, кој бил еден од најзначајните лидери во модерната историја на Мароко. Тој ја зацврстил културната и административната инфраструктура на регионот и работел на модернизација на државата, додека ја заштитувал единството и независноста на земјата. Цртањето пред паркот имаше посебно значење, бидејќи амбиентот ни овозможи да ја почувствуваме врската меѓу историјата и современото уметничко изразување. Паркот Хасан I не е само јавен простор за одмор и собирање, туку и симбол на културното наследство и визијата на султанот за образование, култура и развој на заедницата. Работејќи таму, се инспириравме од историските вредности што ги промовирал султанот и ги поврзавме со нашата уметничка креативност – објаснува Анамарија.

Завршниот симпозиум се одржа на Факултетот за правни, економски и општествени науки, каде истакнати уметници одржаа говор и каде ни беа доделени благодарници за учество.

Дело на Анамарија Митриќеска – Кал’чева
– Прекрасни се ваквите искуства – културна размена, запознавање традиции и дружење со нови луѓе. Мароко е едно од најинтересните места што сме ги посетиле. Културата им е различна од нашата, но сепак со некои сличности, особено во гостопримството – луѓето се насмеани, весели и пријателски. Сè е шарено и живописно, како на филмовите. Фасадите сите им се обоени, но тоа е задолжитено за одредени места. Пазарот е токму така како што го замислуваме, преполн со сè.
Го посетивме MACMA – Музејот за уметност и култура во Маракеш, каде имаше слики од познати уметници, традиционални плетки, рачно изработени предмети и други автентични марокански уметнички дела – прекрасно за гледање. Се прошетавме и низ делот на Гарденс Мајоре и Музејот на Ив Сен Лоран – место кое ја покажува елеганцијата на мароканската култура и уметност.

Исто така го посетиле Музејот посветен на водата, бидејќи во тие региони често имаат проблеми со вода, а музејот објаснува како ја добиваат и користат низ децениите. Интересно е што дождот ретко паѓа, а токму кога биле нашите уметници таму, заврнало.

Дело на Татјана Антевска Маркоска
Ова патување завршило со поканата за голем глобален фестивал со повеќе од 30 земји во Индија во 2026 година.





