„Њујорк е мегацентар на современата уметност, инспиративен град со посебен сензибилитет и енергија, спој на различни култури и вредности … град кој самиот по себе е уметност и град во кој со особено задоволство повторно ќе му се навратам“, вели мултимедијалниот уметник Страхил Петровски. Тој на 30 декември ќе ја отвори својата изложба „Реминисценци“ во Галеријата МЦ (Gallery MC) во Њујорк. Поставката пред њујоршката публика ќе биде изложена до 9 јануари.
– Поминаа 5 или 6 години од моето прво претставување во Њујорк, со мултимедијалниот проект Action/Reaction/Wor(l)d кој во тој период навистина наиде на исклучително позитивна критика од страна на љубителите и почитувачите на визуелната уметност. Присуството и визибилноста на меѓународната ликовна сцена е од особена важност за еден автор-уметник, во однос на културната размена, интеракцијата со публиката, контактот со кураторите, галеристите и одлична можност да го претставите своето творештво на глобално ниво. Како мултимедијален уметник, секоја нова изложба е едно поинакво визуелно патување и огромен предизвик за мене, ново креативно искуство, лично преиспитување – дијалог и продлабочување на персоналните видици во полето на современата уметност – вели Петровски.
Изложбата „Реминисценции“ по Париз (јуни, 2025), во Њујорк ќе биде претставена како просторна инсталација со сосема нов концепт, надополнета со нови дела, наменски изработени за просторот во Галеријата МЦ, кои естетски и визуелно ќе кореспондираат со наративот на самата поставка.
Според Сандра Деспотовиќ, кустос, историчар на уметноста, „Реминисценции“ ја означува најновата ера во креативните дела на Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83см.) и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор.
– Три бои, бои кои не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ја красат индустриската хартија и цртежите во помали димензии. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перципираме или „слушаме“ делата на Петровски, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како Tool, Nine Inch Nails и Joy Division, открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето – пишува Деспотовиќ во текстот за изложбата.
Според неа, делата – индустриските хартии и цртежите, како и видеоинсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на 20 век. Преку мултидисциплинарното творештво, авторот ја изразува таквата фрагментација на реалноста.
Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на професорот Родољуб Анастасов, кај кого во 2000 година завршил постдипломски студии. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Петровски на ФЛУ. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во Националниот конзерваторски центар, како доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, а од 2024 година, како советник конзерватор – реставратор во Музејот на македонската борба за самостојност, кога е избран за вонреден професор по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн. Ова е негова 26 самостојна изложба.





