Наградата „Златна Олимпија“ за најуспешна спортска медиумска работничка ја доби фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева, која неуморно ги документира спортските успеси.
Таеквондистката Милијана Релиќ е прогласена за најуспешна спортистка за 2025 година и ја доби наградата „Златна Олимпија 2025“. Наградите беа свечено доделени синоќа во хотелот „Холидеј ин“, местото каде што пред 33 години (тогаш под името „Гранд Хотел“) официјално е создаден Македонскиот олимписки комитет (МОК). На петтата гала манифестација „Златна Олимпија“ беа доделени неколку награди.
Релиќ оствари извонреден успех со освојување на сребрен медал на Г-1 турнирот во Криштианштад, Шведска, заработувајќи клучни 7.20 поени за олимписката ранг-листа за Лос Анџелес 2028, а својот квалитет го потврди и со медал на турнирот во Инсбрук.

Во категоријата „Најдобар женски национален тим“, наградата ја доби Фудбалската репрезентација до 17 години. Овие млади девојки испишаа историја освојувајќи го првото место во квалификациската Б лига, со што обезбедија промоција во елитната А лига за Европското првенство. За овој подвиг, признанието за „Најуспешна тренерка“ заслужено ѝ припадна на нивната селекторка, Катерина Милеска, чија стратегија беше клучна за овој резултат.
Наградата за животно дело годинава отиде кај вистинска легенда – Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка носител на олимписки медал, чие име е трајно врежано во темелите на нашиот спорт. Иднината на македонскиот спорт е светла, што го потврди наградата за „Најнадежна млада спортистка“ доделена на Мери Бошковска. Таа беше клучна фигура во историскиот пласман на ОК „Јанта Волеј Кисела Вода“ во третата рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите, каде беше прогласена за МВП на натпреварите против Гацко.

На свеченоста беа доделени и следните признанија:
· Спортски подвиг: Катерина Шиповиќ, за неверојатната издржливост и освоеното прво место на ултра-трката во Серес, истрчувајќи 202 километри за 24 часа.
· Најуспешна судијка: Ема Никочевиќ, првата ФИБА судијка од Македонија, која ја извојува најважната победа – враќање на терените по тешка здравствена битка.
· Најуспешна спортска работничка: Гордана Николовска Кузмановска, за беспрекорната организација на ЕМОФ и Скопскиот маратон.
· Најуспешна спортска медиумска работничка: Фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева, која неуморно ги документира спортските успеси.
· Најуспешна спортистка со попреченост: Фатмире Бајрамоска, освојувачка на сребро во крос-кантри скијање на Зимските Специјални Олимписки игри во Торино.

За промоција на родовата еднаквост, награди добија Ракометната федерација на Македонија, како и Цветанка Макаровски и Ирена Митровска за нивниот придонес во женското лидерство. МОК додели и специјални плакети за исклучителна поддршка и соработка во развојот на олимпизмот на своите партнери: Димитар Костадинов (Горска), Хари
Костов (Комерцијална банка), Сашо Пешев (Њу момент) и Сашо Димитријоски (Телеком).
На свеченоста учествуваа над 200 гости – спортисти, спортски работници, спортската елита, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и партнери и соработници, МОК ги додели признанијата на хероините на македонскиот спорт – најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички кои ја одбележаа 2025 година.





