Во Офицерскиот дом во Битола од завчеравечер е отворена изложбата „Урбани импресии“ со која се одбележуваат 25 години творештво на уметникот Дејан Макаријоски. Изложбата е во организација на Друштвото на ликовните уметници на Битола, чиј член е авторот.

-Анализирајќи ги неговите слики, една размисла нѐ враќа во сферата на предиспозициите, а за што особено зборуваат неговите филигрански минуциозни обработени делови до најситните детали, а кои можат да се поврзат со појавата на фамилијарна традиција – талентот да се пренесува на повеќе генерации.
Макаријоски како сликар располага со широк спектар на валерски односи, но исто така и со големо чувство за рафинирани тонови, до израз на сензибилнот компонирајќи една колористична целина со неверојатно флуидни премини и нијансирања кои ја полнат глетката со убавите ликовни решенија – вели Панде Петровски.

За историчарот на уметноста Владо Ѓорески, „сликарството на Дејан Макријоски е своевиден стилски колаж низ кој што тој, се движи со лесни, брзи, прецизни потези, слободно, неоптоварен со некаков патетичен или претенциозен непотребен естетизам.
-Синтетизирајќи ги ликовните постапки со јасна визуелна поставеност, тој создава своевиден творечки фундус од чија повеќенасочна збирка, почнува да дестилира свој израз со специфична поетика. Ова, особено е видливо и присутно во негови „урбани пејзажи”, низ кои во контекстот на препознатливите урбани амбиенти, скоро без исклучок, поставува толпа од обезличени фигури – минувачи, осветлени од последните залези, сенки кои што градските „променади” ги претвораат во нејасен, кошмарен сон на отуѓеност, одалеченост, непрепознатливост, изгубеност во сивилото на опстанокот, наспроти колиристичката доминантност која е како почетна сценографија пред драмата на тешката и неизлечива густа ноќ.Неговите сенки, низ малиот сликовит град, се во некоја чудна корелација со изгубените сенки на метрополисот кај Родољуб Анастасов. Овој ликовен вовед е сериозен поттекст за развој на идна специфична и значајна ликовна драматургија…- вели Ѓорески.

Оваа изложба успешно ја потврдува љубовта на авторот кон ликовното изразување, вели Васко Ѓоргиев.
-Разновидноста во темите и стиловите се внатрешен одраз на таа континуирана борба и потреба за докажување и надминување на самиот себеси. Тоа, вусшност е еден и од примарните начела на
уметникот. Значителниот обем и техничката реализација на делата ја потврдуваат неговата посветеност, долготрпеливост и истрајност во овој макотрпен занает. Овие дела на моменти како да пркосат на уметничките движења од почетокот на 21 век, каде мануалноста при творењето често се исклучува или заменува со технолошките достигнувања и отвараат интерогативи во разни насоки. Несомнено сведочат дека патот во уметноста бара трудољубивост и избегнува дефиниции – вели Ѓоргиев.





