Со наука и факти да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку. 20 години Европска ноќ на истражувачите

Изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката која нè поврзува“ отворена во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје ќе биде отворена до 15 октомври. Сите заинтересирани може бесплатно да ја посетат, да откријат фасцинантни факти за универзумот

Со изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката која нè поврзува“ отворена во трговскиот центар „Дајмонд мол“ во Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус викендов ја одбележаа Европската ноќ на истражувачите. Како финална манифестација на која ù претходеа низа различни настани, нашата земја се приклучи на одбележувањето на 20 години од Европската ноќ на истражувачите. Изложбата е во соработка со една од најважните светски научни институции – ЦЕРН (Европска организиација за нуклеарно истражување) и Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Изложбата ја отворија евроамбасадорот Михалис Рокас, проф. д-р Мимоза Ристовска од Институтот за физика при ПМФ, д-р Тадеуш Куртика од ЦЕРН и талентираниот Јан Стојановски, студент од ПМФ, поранешен олимпиец, освојувач на многу медали и меѓународно признат по физика и математика и претставник на новата генерација млади истражувачи.

– Целта на овој настан е да ја разгори љубопитноста кај младите и да ги охрабри да се стремат кон кариера во науката и технологијата. Преку изложби како оваа покажуваме дека науката не е апстрактна – таа е жива практика која влијае на сите нас. Во време кога дезинформациите и теориите на заговор премногу често доминираат во јавниот дискурс, ваквите иницијативи ја демонстрираат посветеноста на ЕУ кон знаење засновано на факти и критичко размислување. Како што вели нобеловката Марија Склодовска-Кири: „Од ништо во животот не треба да се плашиме, само треба да разбираме.“ Сега е времето да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку – рече Рокас.

Мимоза Ристивска, Михалис Рокас и Тадеуш Куртика

Куртика се заблагодари на Јуроп хаус и македонската научна заедница за одлуката да го посвети настанот.

– Се надевам дека оваа изложба ќе придонесе, макар и во мала мера, кон активностите на Јуроп хаус што водат кон членство на вашата земја во Европската Унија и ги промовираат приоритетите и активностите наменети за помладата генерација. Искрено се надевам дека оваа изложба ќе биде мост за продлабочување на врските и зајакнување на соработката меѓу ЦЕРН и македонските научници. Би ни било мило да ве имаме како наши гости во ЦЕРН – рече Куртика.

Мимоза Ристовска

Ристовска во текот на 2020 година престојуваше во ЦЕРН во Женева.
– Додека денес на оваа изложба ги гледаме научните резултати и технологиите кои произлегоа од ЦЕРН за благосостојба на човештвото, да се потсетиме дека зад нив стои европскиот дух на соработка меѓу народите, којшто некој внимателно го зародил – рече таа.

Младиот Стојановски е особено сум горд што и во нашата земја има научници кои работат во различни области и кои се дел од меѓународни тимови.

Јан Стојановски

– Од учествата на натпревари сум видел дека има и многу млади кои се подготвени да го посветат својот живот на науката. Се надевам дека ќе продолжат по тој пат и ќе го развиваат овој благороден повик – рече Стојановски.

Изложбата во наредните две недели е отворена за посетителите и ќе им овозможи да ја истражат историјата на универзумот, да учествуваат во виртуелни прошетки низ акцелераторот на ЦЕРН и да го посетат детското научното катче кое преку игра ќе ги запознае децата со атомите и периодниот систем.

Активности по повод Европската ноќ на истражувачите се одржаа и во Битола, Струга, Охрид, Тетово, Велес, Крива Паланка, Куманово и во Струмица, каде беа реализирани паралелни програми со различни иницијативи, сите во духот на науката и истражувањето.

Во Битола граѓаните имаа можност да доживеат виртуелна реалност, во Струга и Охрид се организираа активности под мотото „Наука покрај брегот“, во Струмица децата и средношколците беа вклучени во креирање научни експерименти, а во Велес беше реализирано научно „ловење богатство“. Во Крива Паланка и Куманово учениците учествуваа во лабораториски сесии кои на крај добија и симболичен „пасош за млад научник“.

Во руралните училишта од тетовскиот регион младите беа вклучени во лабораториски работилници, а планирано е и преку Јуроп хаус, ученици од Кочани да допатуваат во Скопје за да ја посетат изложбата на ЦЕРН. Во рамките на програмата, проф. Куртика на ПМФ ќе одржи предавање на тема „ЦЕРН, Големиот хадронски судирач и идните забрзувачи на честички“.

Изложбата во Скопје ќе биде отворена до 15 октомври. Сите заинтересирани може бесплатно да ја посетат, да откријат фасцинантни факти за универзумот и да ја доживеат науката одблизу преку интерактивни содржини и едукативни активности.

Сподели