Јан Стојановски одбра да студира во Македонија. И тоа паралелно две науки

На меѓународните натпревари се запознавав со наши врсници, но и со професори од други држави и видов дека ние не заостануваме зад другите, објаснува Јан

Талентираниот Јан Стојановски, еден од најтрофејните македонски ученици на меѓународните научни олимпијади утре ќе го има првиот академски час на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој не само што реши да студира дома, туку на ПМФ паралелно ќе студира две науки – физика и математика. Зошто Јан реши високото образование да го продолжи дома кога можеше да добие стипендија и да студира на најреномираните светски универзитети, тој вели дека не е убеден дека во странство ќе добие поголемо знаење од тоа што ќе го стекне тука.

– Со години одам на подготовки за олимпијади на ПМФ и веќе имав искуство да работам со професорите и да учам од нив. Забележав дека нам не ни недостига квалитет или знаење, туку средства. На меѓународните натпревари се запознавав со наши врсници, но и со професори од други држави и видов дека ние не заостануваме зад другите. Тукашните професори ме подготвија достојно да се натпреварувам со соперниците од други земји. Правците на кои ќе студирам се теориски и не бараат многу средства. Далеку поважна е посветеноста на професорите. Познавајќи ги професорите тука и имајќи предвид дека сме малку студенти, несомнено тие ќе работат со нас и лично ќе ни се посветат – објаснува Јан.

Неговата мајка, Ружица Андроникова објаснува дека тој уште на почетокот на минатата учебна година се беше одлучил да студира дома, на Природно-математичкиот факултет.

– Малку под мој притисок, малку по инерција и под влијание на другарите, ги подготвуваше документите за студирање на некој од странските универзитети. Но, тоа беше неволно и во последен момент. На почеток тоа ми изгледаше како ете, сега наеднаш да заостана зад сите оние со кои се натпреваруваше. Водена од разговорите со родителите на неговите другари, училиштето, колегите на работа, имам впечаток дека студирањето дома не е доволно ценето. Сите ме гледаат со вчудовиденост кога ќе соопштам дека се одлучи да студира во Скопје – објаснува таа.

Дали дипломата во странство носи повеќе знаење?

Јан добро си ја завршил домашната задача. На „Јутјуб“ гледал видеа од предавањата на професори од реномирани универзитети и заклучил дека не учат ништо повеќе од она што се учи кај нас. Андроникова се согласува со сина си дека кај нас пристапот до професорите е отворен, а на странските универзитети не ќе може толку лесно и често да оствари таква комуникација. Пред две недели Јан беше поканет и учествуваше на научна конференција што го организираше Друштвото на физичарите на Република Македонија, заедно со другите олимпијци што учествуваа на меѓународните натпревари по физика.

Ружица Андроникова

– Во странство сигурно не ќе можеше да учествува на ваква конференција пред воопшто да започне со студиите. Да не ги спомнувам напорите за организирање на престој, патувања, здравствено осигурување во странство. Се разбира, има и многу предности да се студира во странство – нови средини, поинакви начини на предавања, бројни познанства во браншата, повеќе финансии за спроведување на студиските програми. Па и „етикетата“ за завршени студии на универзитети високо рангирани на меѓународните листи. Но, не сме убедени дека ваквата диплома носи повеќе знаење. Затоа ја прифативме неговата одлука додипломските студии да ги заврши во Скопје, да стекне знаења, да ги совлада основите на науката, да воспостави контакти, па потоа да види каде ќе го однесе професионалниот пат – вели Андроникова.

Сите сме сведоци на високата стапка на „одлив на мозоци“ во последните години. Информацијата дека Јан го одбрал ПМФ за деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески е големо освежување, но и признание дека и во Македонија има високо ниво на квалитет.

– Ова дава и голем поттик и обврска за нашиот наставен кадар. Ваквите студенти имаат потреба од дополнителни, или натпросечни интелектуални вложувања за да ги задоволиме потребите што ги очекуваат од нас. Јан го запознав на една неформална средба пред Факултетот и токму тогаш ја добив веста од колегите од Институтот за физика кои беа со него, дека Јан ќе се запише кај нас – објаснува Трпески.

ПМФ е врталиште на многу македонски олимпијци. Според Трпески, факултетот ја има таа среќа да биде директно инволвиран во олимписките натпреварувања по математика, физика, хемија, биологија, геонауки, природни науки, истовремено и таа несреќа да не може финансиски да им помогне на сите што ја претставуваат Македонија.

Даворин Трпески (централно)

– Тоа се големи пари кои Факултетот не може да ги издвои, бидејќи се работи за тимови од по 5-7 учесници и ментори. Но, затоа ги ставаме на целосно располагање сите свои капацитети, човечки и лабораториски за да им помогне на учесниците за што поквалитетно натпреварување – вели тој.

Факултетот располага со одлични лаборатории и исклучителни наставници, па во зависност од афинитетите на студентите може целосно или делумно да ги задоволи нивните апетити за знаење. Главниот проблем е отсуството на континуирано вложување во високото образование, па затоа не располагаат со сите најмодерни инструменти.

– Некои лаборатории се исклучително нови и модерни, а некои се значително застарени. Денес високото образование и науката се скапа работа. Во високо развиените земји вложувањето во нив го разбираат како влог кој во наредниот период неколкукратно ќе се врати. Кај нас, за жал, високото образование и науката во изминативе три декади, се сфаќаат како трошок и таква е политиката кон нив. Веруваме дека многу скоро овој однос ќе се промени и дека македонското високо образование ќе фати чекор со европското. Тоа мора да се случи, бидејќи во спротивно ќе имаме егзодус на целокупниот интелектуален капитал – категоричен е Трпески.

Какви можности нуди Институтот за физика?

За проф. д-р Даница Крстовска, раководителка на Институтот за физика, особено задоволство е што најтрофејниот олимпиец избрал да студира на насоката теориска физика и да го продолжи своето образование во нашата земја. Според неа, оваа одлука на Јан кажува многу – дека Институт располага со професионален и квалитетен наставен кадар кој може многу да придонесе за понатамошно зголемување и градење на неговото знаење од различни области од физиката. Пред секоја олимпијада учениците поминуваа едномесечни подготовки на ИФ.

Подготовки за олимпијада на Институтот за физика

– Тие веќе се добро запознаени со дел од нашиот наставен кадар и фактот дека и кај нас има извонредни професори кои можат многу да ги научат. Институтот располага со современо опремени училници и лаборатории за непречено одвивање на наставата. Нашите студенти се активно вклучени во најразлични активности на Институтот – студентски конференции, школи, семинари како и натпреварите по физика за учениците од основно и средно образование. Сигурна сум дека на Јан ќе му се допадне кај нас, особено и што веќе многумина од нас нè познава и знае дека ќе биде во убава средина – вели Крстовска.

Д-р Ламбе Барандовски е редовен професор на Институтот за физика и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија. Тој е еден од ентузијастите кој со години ги подготвува талентираните средношколци за престижните меѓународни натпревари. Барандовски вели дека ДФРМ година го прославува својот 75 годишен јубилеј и од самото свое основање работело на развојот на младите таленти кои покажувале интерес за изучување на физиката.

– Јан е еден од тие таленти на кои сме им помогнале целосно да го развијат својот потенцијал и уште како средношколец длабоко да навлезе во тајните на физиката. Можеби луѓето кои биле ангажирани околу неговите подготовки за олимпијадите, а се членови на ДФРМ, имаат определено влијание врз неговата одлука, но искрено верувам дека најголема причина за неговиот избор на Институтот за физика е времето кое во последниве четири години го помина таму учејќи физика и коректниот однос кој секогаш бил во двете насоки – вели Барандовски.

Ламбе Барандовски

Според него, втората причина поради која верува дека Јан одлучил да студирање во Македонија е квалитетната програма на ИФ, која според квалитетот далеку ги надминува програмите на најголем дел од факултетите за физика во Западна Европа, а нуди и можност за добивање на неспоредливо поголемо знаење во споредба со програмите на додипломските студии по физика во САД.

– Денес постои тренд помеѓу нашите матуранти да сакаат додипломските студии да ги завршат во некоја од западно-европските држави или САД, сметајќи дека ќе се стекнат со поголеми знаења. Тоа според мене е апсолутно погрешно кога се работи за изучување на математиката, физиката, па и останатите природните науки. Одењето на „запад“ на додипломски студии на нашите најталентирани ученици по три или четири години ќе се покаже дека е чекор назад имајќи предвид со какво знаење во моментов заминуваат таму – смета Барандовски.

Натпревар по натпревар

Јан е еден од мултиталентираните ученици за природни науки. Почна со хемија, па се пренасочи кон физика и математика. Веќе неколку години постигнува одлични резултати кои кулминираа годинава со златен медал на Европската олимпијада по физика и сребрен медал на Интернационалната олимпијада по физика. Двата натпревара летово се одржаа едно подруго, а во Скопје беше неполни 24 часа пред да замине на вториот натпревар. Лани, пак, се натпреваруваше на две светски олимпијади во Јапонија – по физика, каде освои бронза, па на математика каде освои пофалница. Ова темпо не е лесно да се одржува, но тој е навикнат.

– Секако дека стресот има огромно влијание врз успехот на натпревари. Не би рекол дека знам како да се справам со стресот, но се навикнав да работам под стрес. Оваа година ми беше и полесно зашто се определив да се натпреварувам само по физика. Лани се натпреварував на две различни полиња (математика и физика), та напорот беше поинаков. Стресот мислам дека е неизбежен, но што мене ми помага е да мислам на тоа дека веќе се имам подготвено и, најважно од сè, дека некои нешта се надвор од моја контрола. Ако не ви бил денот или ако нешто неочекувано ви искрснало, тоа не можете да го промените и залудно е да се грижите и да бидете под стрес заради тоа – дециден е Јан.

Вели дека неговите познавања од физиката се доста ограничени и има уште многу да учи. Засега ја издвојува механиката како омилена натпреварувачка тема.

– Механиката е всушност макро светот (светот кој ние го гледаме) што значи дека со неа можеме да објасниме буквално како нештата околу нас се движат. Бидејќи правилата се едноставни, механиката, според мене, е како „игралиште“ во кое човек може да го истражува светот – вели тој.

Олимпијците-средношколци годинава не добија помош од државата за светските натпревари. Најголем дел од трошоците ги поднесоа семејствата потпомогнати од донатори, компании и поединци кои се одзваа на пишувањата на медиумите дека научните здруженија што ги организираат натпреварите се соочуваат со финансиски предизвици бидејќи се непрофитни организации. Во меѓувреме се најавуваат промени во законите за средно и за високо образование. На прашањето каква поддршка би била добредојдена за талентираните млади луѓе да сакаат да останат во Македонија, Андроникова вели:

– Би било убаво да има посебна буџетска потпрограма за особено талентирани ученици, за оние кои се квалификуваат за учество на меѓународните олимпијади. Таа програма би требало да обезбеди финансиска и друга поддршка за целогодишни подготовки за такви олимпијади, набавка на помошни средства (особено за олимпијадите кои вклучуваат експерименти), учество на меѓународни кампови, размени со други држави, доусовршување на професорите вклучени во програмата, соработка со бизнисите (зависно од научната област). Понатаму, битен е и индивидуалниот пристап. Јан е почестен како е пречекан на ПМФ, како му посветуваат внимание. Многу значи талентите да се чувствуваат добредојдени и признаени – децидна е таа.

Барандовски смета дека не треба младите студенти да се „мотивираат“ да останат во Македонија зашто нивното право е неприкосновено – да се во право и кога грешат!

– Кога овие наши таленти ќе го завршат факултетот запрашајте ги колкупати во текот на семестарот им предавал професор, а колкупати тоа го правеле исклучиво асистентите и туторите. Колкупати во текот на студирањето имале право да влезат на консултации кај професорите, колкав дел од времето потрошиле работејќи за да ги намират трошоците за своето студирање, наместо тоа време да го потрошат на учење, колку платиле за изнајмениот стан во текот на студирањето …? Потоа, истите прашања може да му ги поставите и на Јан – завршува тој.

Фотографии: ДФРМ, ИФ, ПМФ

Сподели