Можностите за да раскажеш една приказна, кај нас, секогаш биле ограничени, од оваа причина креативците најчесто се откажуваат на помислата на самата идеја за да создадат нешто – вели режисерот на „Генерација Бушави“, Мартин Чичовски
Мартин Чичовски од Скопје е млад филмофил, кој го има ентузијазмот и амбицијата да влијае позитивно на својата генерација и да им ја всади желбата за филм. Џифонец од средно школо, полека навлегол во тајните на филмската уметност и во последните неколку години под капата на „Марви продакшн“ снимаат серии за млади со тематики што ги мачат денес.

Негова најнова серија е „Генерација Бушави“, што од 4 ноември се прикажува на платформата „Глеј“. Од денеска во 13 часот ќе биде достапна и третата епизода.
Како дојдовте до идејата за новата серија? Откријте ни повеќе околу приказната.
– Првата идеја беше склоп од повеќе приказни кои егзистираат во истиот свет, но се различни. Инспирацијата ја добив заедно со мојата колешка и другарка Марија Додовска, бевме поттикнати од серијата Black Mirror на „Нетфликс“, каде секоја епизода е со различна приказна, но се обработува иста тема. Во текот на процесот на пишување сценарија, одлучивме да ги поврзаме сите приказни во последните две епизоди. Сите ликови да дојдат на едно место, да ги судриме нивните светови. Со цел да го поставиме прашањето „Каде оди нашата генерација?”. Прашање на кое одговор не може да му се најде, па ајде да се обидеме да го побараме.
Работите неуморливо. Што ве води најмногу? Како го потхранувате вашиот ентузијазам?
– Можноста да раскажеме приказна со свои зборови.
Претстави ни ја екипата на „Марви продакашн“, како се најдовте?
-Си играм со камери уште од дете, во тоа време имав само веб-камера и апарат што не снима. „Јујтуб“ ме научи како да сечам клипови во Windows Movie Maker. Снимав со сите со кои се дружев, така е и денес. Преку дружбата се роди „Марви“. Често создаваме, организираме нови проекти, доаѓаат нови луѓе. Немаме дефинирано работно време, на пример од 9 до 17 часот. Ако работиме заедно на проект, сите сме дел од тимот на „Марви“, доброволно.

Како се снаоѓате за буџет за да реализирате една серија?
– За финансиска поддршка од државен фонд потребно е да имаш завршено додипломски студии во одреден креативен сектор, барем за поддршка од агенција за филм, а јас сум студент. За спонзорство од страна на Делегацијата на Европската Унија, имаше поинакви барања кои ги исполнуваше нашиот тим. Постојат и други младински фондови од овој тип, но во мал број.

Што би им препорачал на младите во Македонија ако сакаат да се занимаваат со некаква креативна работа?
– Можностите за да раскажеш една приказна, кај нас, секогаш биле ограничени, од оваа причина креативците најчесто се откажуваат на помислата на самата идеја за да создадат нешто. „Како јас би го создал ова тука?”, „Како до финансии?”, „Нема поента.” Неколку примери што јас сум ги чул од разни луѓе. Со „Генерација Бушави” решив да скокнам во огнот, да ја раскажам својата приказна, воедно и да покажам дека не е невозможно. Со прифаќање на околностите, желбата за создавање умира, затоа сметам дека не смееме да си дозволиме да ги прифатиме.







