Македонија ги следи глобалните трендови поврзани со примената на вештачката интелигенција, а ВИ алатките наоѓаат сè поголема примена и на македонскиот научно-истражувачки простор. Вложувањата во науката и иновациите, примената на ВИ и можностите за зголемување на европската поддршка за Македонија, беа дел од темите на кои се дискутираше на средбата на министрите за образование и наука и за дигитална трансформација, Весна Јаневска и Стефан Андоновски со еврокомесарката за стартапи, истражувања и иновации Екатерина Захариева и директорката на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, Сабине Хенцлер.
Средбата се одржа во рамки на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан во Подгорица, Црна Гора. Македонските министри потенцираа дека државата се фокусира на развој на науката и иновациите, создавајќи повеќе можности за научниците и истражувачите.
– Со значително зголемен државен буџет за оваа намена, годинава поттикната е реализацијата на бројни научно-истражувачки проекти од јавен интерес, кои се во корелација со целите на Националната стратегија за паметна специјализација, а со поголема поддршка од Европската Унија интензивирано е и учеството на македонскиот научно-истражувачки потенцијал во Европската истражувачка област (ЕРА) и во Европската мрежа за соработка во областа на истражувањето и технологијата (COST) и Хоризонт програмата преку која со 13 милиони евра финансирани се 81 проект од нашата земја – велат од МОН.
Захариева и Хенцлер ја поздравија иницијативата на Владата за основање на првиот научно – технолошки парк под надлежност на државата и истакнаа дека соработката помеѓу Македонија и ЕУ се развива во добра насока.





